Портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски, на прес-конференција денеска посочи дека ЛДП и претходно ја презентираше идејата за една изборна единица, но не наиде на реална, туку само на декларативна поддршка од поголемите партии

Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, утре ќе поднесе предлог-закон за воведување една изборна единица и отворени листи.
Портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски, на прес-конференција денеска посочи дека ЛДП и претходно ја презентираше идејата за една изборна единица, но не наиде на реална, туку само на декларативна поддршка од поголемите партии.
„И денес, како и претходно, даваме силна поддршка за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Ова не е нова иницијатива за ЛДП. Нашите пратеници во два претходни парламентарни состави поднесуваа предлог-закони за истата оваа реформа. За жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка, но ние не се откажуваме“,
рече Аврамовски.
Од ЛДП бараат праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот на граѓаните во изборот на нивните претставници за поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија.
ЛДП ги повикува сите политички партии, како и граѓанскиот сектор, на отворен дијалог и заедничка работа, со цел конечно усвојување фер, праведен и современ изборен модел.