Захарова тврди дека Американците во последно време се обидуваат да ги претстават Украинците како борци за демократија и миротворци, а во исто време им испраќаат големи количини оружје
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Украина некогаш била една од најбогатите републики на Советскиот Сојуз, но сега станала една од најсиромашните земји во Европа. Таа ги обвини Соединетите Држави дека го третираат украинскиот народ како потрошна роба во нивниот конфликт со Русија.
Захарова тврди дека Американците во последно време се обидуваат да ги претстават Украинците како борци за демократија и миротворци, а во исто време им испраќаат големи количини оружје.
„Не можеме да зборуваме за сериозна мировна иницијатива на Киев и неговите западни спонзори“,
рече таа.
Захарова потоа се осврна на серијата прекршувања на човековите права во Украина пријавени од Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХХР), нагласувајќи дека прекршувањата не треба да се собираат од 24 февруари оваа година, кога Русија ја започна својата офанзива против Украина, туку дека треба да се земат предвид и претходните осум години.
Захарова го повтори официјалниот наратив на Кремљ, според кој проруските елементи во источна Украина биле злоупотребувани од владата во Киев. Таа ги коментираше и споровите меѓу руската и украинската православна црква, тврдејќи дека „киевскиот режим не се грижи за чувствата на милиони верници“, пренесува Гардијан.