Во интервју за весникот „24 часа“, бугарската министерка за надворешни работи вели дека нејзините изјави за С Македонија не се изборна реторика
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, вели дека нејзините ставови во однос на С Македонија немаат никаква врска со изборите.
„Имаме договор од 2017 година што не се спроведува, рамковна позиција на владата и едногласно усвоена декларација од парламентот. Во Република Северна Македонија го знаат мислењето на сите бугарски партии и народот – 83,8 отсто од граѓаните не се согласуваат да ја поддржат Република Северна Македонија за членство во ЕУ сѐ додека не се постигне договор за фактите за историското минато на Бугарија“,
изјави Захариева во интервју за бугарскиот весник „24 часа“.
Таа тврди дека неодамнешните постапки на властите во Скопје не даваат многу причини за оптимизам и како примери за тоа ги наведува случаите со претставникот за „Евровизија“, со внесувањето бугарски книги…
„Нивниот кандидат за ‘Евровизија’ доби повеќе од 400 закани по животот затоа што рече дека имал и бугарско државјанство… Сѐ уште немаме објаснувања од Скопје и зошто нашето Министерство за надворешни работи треба да побара дозвола за увоз на бугарски книги“,
изјави бугарската министерка за надворешни работи.