Неколку пораки и ставови изнесе бугарската вицепремиерка и министерка Захариева во нејзините два последни јавни настапи, во интервју за АРД, како и во бугарскиот парламент, каде што одговараше на пратенички прашања
Во парламентот таа порача дека Северна Македонија мора да надмине голем број стереотипи за да тргне на патот кон ЕУ.
„Добрососедството мора да стане дел од преговарачката рамка затоа што тоа се најсилните гаранции за Бугарија дека потпишаните документи ќе се исполнат и надгледуваат во текот на целиот процес на преговори, со јасни критериуми за напредок“,
рекла Захариева испраќајќи порака до Скопје дека треба да има помалку емоции, а повеќе прагматизам, пренесува БГНЕС.
Таа повторно обвинува дека најголем проблем е неисполнување на Договорот од 2017 година, односно говорот на омраза, работата на историската комисија и гаранциите дека Северна Македонија нема никакви претензии за постоење на македонско малцинство во Бугарија.

Захариева пред пратениците истакнала неколку забелешки. Една дека работата на историската комисија е политизирана од македонска страна, како и тоа дека треба да се забрзаат инфраструктурните проекти, наведувајќи го Коридорот 8 како пример, особено во делот за железничко поврзување.
„Ние сме соседни земји, бугарскиот народ има пријателски чувства и покрај одвратната кампања и говорот на омраза од другата страна на границата“,
рекла бугарската министерка.
Нема да биде преседан
Во интервјуто снимено во студиото на германскиот јавен сервис АРД во Виена таа потенцира дека одлучувачкиот фактор што ја доведе бугарската влада до одлуката да не дозволи почеток на преговорите за пристапување во ЕУ на Северна Македонија е недостигот на „гаранции за добрососедски односи и имплементација на билатерални договори“.
Според неа, ставањето на гаранциите како услов во преговарачката рамка не е преседан и како пример ја посочува Хрватска.
„Не сакаме да ја запреме Република Северна Македонија. Но, ако немаме гаранции во преговарачката рамка, ќе биде невозможно да се каже ‘да’. Без оглед на сегашното или следното претседателство, доколку нашите предлози не бидат вклучени за дискусија во преговарачката рамката, Бугарија нема да може да каже ‘да’. Зошто е проблем да се стави добрососедството, што е хоризонтален критериум од Мастрихт, во рамката за преговори? Имаше такви текстови во преговарачката рамка на Хрватска. Ова не е преседан “,
вели Захариева.
Таа во разговорот ги повторува забелешките во однос на историските учебници за одредени личности и за врската на Бугарија со фашизмот.
„Бугарија сака да се признае историската вистина. Ова не беше проблем за Северна Македонија кога го потпиша Договорот – дека имаме заедничка историја што ќе нѐ обедини, а не да нѐ раздели. Ова е целта. Ние не велиме ‘овие личности се само наши’, туку дека овие личности се заеднички. Ова е современо размислување на две земји, особено ако сакаат да бидат заедно во Европската Унија. Да не случува секој пат кога некој во Северна Македонија јавно ќе објави дека еден од овие историски херои е Бугарин да биде подложен на јавен линч. 30 години по падот на тоталитарниот режим, тоталитарните методи и пристапи не можат да бидат државна политика“,
вели Захариева.