Според неа, неопходна е континуирана координација меѓу Косово и Албанија, особено за прашањата од надворешната политика и безбедноста, но и во насока за заштита на правата на Албанците во целиот регион и секаде каде што тие живеат
Секој обид да се поткопаат правата на Албанците во Северна Македонија, ќе наиде на одлучно противење и цврсто единство на Албанците од целиот Западен Балкан. Ова денеска, како што пренесуваат косовските медиуми, го рече претседателката на Косово, Вјоса Османи, во нејзиното годишно обраќање пред Собранието на Косово, посочувајќи дека е присутна голема загриженост кај Албанците во С Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор. Во таа насока, додаде дека ги уверува оти ќе дадат сè од себе, со цел да не се направи чекор назад, туку тоа да бидат само чекори напред.

„Албанците се конститутивен народ во Северна Македонија, со решавачки придонес за демократизацијата и евроатлантската интеграција на земјата“,
вели таа.
Според неа, неопходна е континуирана координација меѓу Косово и Албанија, особено за прашањата од надворешната политика и безбедноста, но и во насока за заштита на правата на Албанците во целиот регион и секаде каде што тие живеат.
„Тоа е од клучно значење за нашиот успех и за напредување кон евроатлантското семејство, место кое го заслужуваме“,
рече косовската претседателка.
Годишниот говор на Османи во Собранието на Косово, втора година по ред го бојкотира најголемата опозициска парламентарна партија, Демократската партија на Косово, како и партијата Алијанса за иднината на Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, каде што минатата недела владите на двете земји одржаа заедничка седница, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во С Македонија, рече дека не може да се каже оти албанскиот јазик во државата е загрозен.
„Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во С Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина“,
рече Курти.
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, пред неколку дена рече дека очекува од сите политички партии на Албанците во земјава, но и од партиите во Косово да го заштитат албанскиот јазик.