Според Групацијата за угостителство, директно ќе биде доведена во прашање егзистенцијата на 29 000 луѓе, колку што се вработени во оваа гранка
Државата да каже дали предвидува поддршка за угостителите. Ако не, тие навреме да бараат помош преку други мерки, за да не останат без никаков приход, апелира денеска Групацијата за угостителство при Сојузот на стопански комори.
Групацијата предупреди дека угостителите не можат сами да го издржат економскиот удар од коронавирусот и дека најверојатно голем дел од вработените ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31 март. Со тоа, директно ќе биде доведена во прашање егзистенцијата на 29 000 луѓе, колку што се вработени во оваа гранка, а дополнително проблемите ќе ги почувствуваат и нивните семејства.
Мерките што се веќе предложени не ги решаваат нивните проблеми и не само што нема да им помогнат да ги надминат финансиските проблеми туку и дополнително ќе ги задолжат. Според Мартин Ангеловски од Групацијата, предложениот пакет мерки ќе стапи во сила од април, а угостителите веќе преку половина месец се без приходи.
Угостителите предлагаат конкретни решенија: субвенционирање на минимална бруто-плата за вработените додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните шест месеци, замрзнување и репрограмирање на обврските по кредити и камати, како и други доспеани обврски кон банките до завршување на кризата, да профункционира итно и без одложување отворањето на кредитните линии со субвенционирана камата, да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните три до пет месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да нема исклучувања поради неплаќање вода, струја и други основни услуги, како и да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите.
„Малите и средните претпријатија до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби предизвикани од ковид-19. Субјектите со претежна дејност угостителство ставија клуч на врата по донесената уредба од владата за затворање како резултат на опасноста од ширење на вирусната инфекција. Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропадне оваа дејност и луѓето вработени во овој сектор сред здравствена криза да останат без никаков приход за да се прехранат“,
истакна Ангeловски.