Оттаму додаваат дека јавната осуда од страна на политичките структури и казнувањето на сторителите е најмалку што може да се направи особено земајќи предвид дека етничката припадност со години наназад доминира како најчеста основа за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе
Загрижувачки е тоа што ниту еден од високите функционери присутни на натпреварот во Куманово не реагираше за време на мечот по повод навредувачките скандирања, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Оттаму посочуваат дека политичарите не смеат да останат индиферентни, нормализирајќи го говорот на омраза затоа што така придонесуваат за потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација.

Од Хелсиншки ја поздравија одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да отвори постапка во врска со националистичките и навредливи скандирања на натпреварот меѓу Македонија и Романија одржан во саботата.
„Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза. Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза“,
велат од здружението.
Оттаму додаваат дека јавната осуда од страна на политичките структури и казнувањето на сторителите е најмалку што може да се направи особено земајќи предвид дека етничката припадност години наназад доминира како најчеста основа за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе.
„Сите политички, спортски и општествени чинители да се спротивстават на овој феномен и да ја поддржат културата на толеранција, дијалог и почитување на различностите“,
посочуваат од Хелсиншки, додавајќи дека и понатаму ќе го следат развојот на настаните поврзани со навредливите и дискриминаторски скандирања.
Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски го осуди националистичкото скандирање, но рече дека додека бил на натпреварот воопшто не го ни забележал бидејќи доаѓало од мала група на луѓе.