Меѓу пораките кои демонстрантите ги испраќаа на протестот против ковид-рестрикциите се и дека „ова не е вакцина туку отров“ и дека „со светот владеат Бил Гејтс и соросоидите“

„Не ви ги даваме нашите деца“, извикуваа демонстрантите на најмасовниот протест досега во Загреб против ковид-рестрикциите. Протестот, кој започна од две локации, заврши на главниот плоштад „Бан Јелачиќ“, а дел од демонстрантите потоа се упатија и кон зградата на јавниот радиодифузен сервис ХРТ.
Таму ги дочека интервентната полиција, која им го блокираше влезот во зградата. Пред ХРТ учесниците на протестот упатуваа навреди кон новинарите и инсистираа да разговараат со директорот, а нивниот протест да се пренесува на програмата.
Незадоволни како националната телевизија известувала за нивниот протест, пред седиштето тие извикуваа: „Сакаме избори“, „Референдум и владеење на народот“, „Лопови“, „Измама“ и „Божјиот закон е над сите закони“.
Меѓу пораките кои демонстрантите ги испраќаа на протестот против ковид-рестрикциите се и дека „ова не е вакцина туку отров“ и дека „со светот владеат Бил Гејтс и соросоидите“.
Претходно, како што пренесоа хрватските медиуми, незадоволството од медиумите демонстрантите ги изразија и со напад на репортер од РТЛ телевизија. Пред вклучувањето во живо во програмата, новинарот од оваа телевизија, Горан Лактовиќ, добил удар во ребрата, а потоа и две шлакаци од зад грб.