Стотици илјади граѓани на Канада и на Велика Британија во моментов чекаат на пасош, некои од нив уште од април
Главна причина е неподгтовеноста на властите да се справат со големиот број на барања за издавање на пасош по укинувањето на забраните за патувања
Ема Том конечно ги доби пасошите за своите две деца, 48 часа пред да тргне за Велика Британија. Патувањето за малку и ќе било откажано поради пасошите за кои Том аплицирала уште во април.
За да добие пасоши, ова семејство потрошило стотици канадски долари, без да се земат во предвид часовите чекање на шалтер, вклучувајќи го и шокот кога минатата недела им рекле дека им ја загубиле апликацијата.
„Човекот со кој зборував ми кажа дека му е жал, но дека навистина не знаат каде се документите за мојот пасош. Ми рече дека ги изгубиле и дека ќе треба да одам повторно да ги пополнам формуларите“,
изјавила Ема Том за канадски Си-Би-Си.
За да извадат пасош пред патувањето, морале одново да платат сега за вадење документ во брза постапка. Цената била три пати повисока од онаа за вадење пасош во „нормална“ постапка.

Овој пример не е изолиран случај. Напротив, веќе е јасно дека во Канада се чека со месеци за да се добие пасош. Проблемот, според тамошните медиуми, е што нагло се зголемил бројот на апликации откако се укинаа сите претходни забрани за патување кои беа на сила поради пандемијата. Во исто време, надлежните институции имаат потешкотии да се реорганизираат откако две години работеле со намален обем.
„Во моментов вработуваме и обучуваме службеници за пасоши бидејќи имаме стотици илјади аплаикации кои се во системот и кои треба да бидат обработени од службеник. Тие се единствените кои можат да го направат тоа“,
изјавила Карина Гулд, министерка за семејство, деца и социјален развој за канадски Си-Би-Си
Веќе е воведен систем и за оние на кои итно им треба пасош. Процедурата, во таков случај, вклучува дополнителни документи – мора да се докаже пред надлежните дека патувањето е итно со соодветни докази (карти, резервации итн.)
50 000 луѓе во Велика Британија чекаат на пасош уште од април
Канада сепак не е единствената земја од „првиот свет“ која се соочува со ваков проблем. Состојбата е уште поалармантна во Велика Британија. Таму, јавува Гардијан, околу 50 000 луѓе кои аплицирале за пасош во април, сеуште чекаат на документ. Вкупно, во системот има околу 550 000 апликации.

Во Британија има две причини за проблемот. Прво, како и во Канада, наеднаш многу луѓе сакаат да патуваат. Второ, Британија повеќе не е во ЕУ па за нејзините граѓани важат други правила.
Со оглед на тоа дека и двете околности беа познати со години и дека можеле да се предвидат, прашањето веќе има последици во политичкиот живот и се бара виновникот.
Властите, во моментов, го вперуваат прстот кон француската компанија „Телеперформанс“. Приватната фирма била најмена, во име на државата, да посредува во аплицирањето за пасоши. Според надлежните, „Телеперформанс“ не успела да даде соодветни услуги, што сериозно придонело кон застојот со апликациите.

Но, опозицијата тврди дека министрите знаеле дека има застој со издавањето на пасоши уште минатото лето и дека не „мрднале со прст“ да го решат проблемот со „Телеперформанс“.