Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видеонадзорот на конкретната локација

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото на несреќата во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, каде што ноќеска два часа по полноќ во тешка сообраќајна несреќа загина 16-годишен возач на мотоцикл.
„Според првичните сознанија по увидот, 16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената. На критичната локација не успеал да избегне електричен тротинет со кој по коловозот управувал 14-годишник. Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди, од кои починал на лице место, додека малолетникот кој управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување“,
велат од Обвинителството.
Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видеонадзорот на конкретната локација, откако претходно беше издадена наредба за обдукција на телото на починатиот.
Кај малолетникот кој управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции.