„Генерално, ние дишеме загаден воздух, и внатре и надвор, со тоа што внатрешниот воздух веројатно е и поголем проблем за нас бидејќи ние, посебно во зимскиот период, престојуваме подолг период внатре отколку надвор“, вели професорот Мираковски
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека државата мора да работи на подобрување на условите за живеење и работење во целата околина, но секако интензивно и во училиштата. Таа рече дека се работи на подобрување на енергетска ефикасност на училиштата за да се намали емисијата на јаглерод диоксид, но и на промена на системите за греење
Проблемот со загадувањето на воздухот во внатрешните простории на јавните училишта и градинки е речиси ист како и на амбиентниот воздух и има надминување на дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички. Ова го покажало истражувањето за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки спроведено во пет општини Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци, а кое е имплементиран од од УНДП и со финансиска поддршка од Шведска.
Според професорот од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски, истражувањето покажало дека има надминување на суспендирани цврсти честички, но другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници.
Разликата, како што вели Мираковски, е што наспроти надворешната загаденост, за внатрешната има повеќе можности за справување со проблемот.
Мираковски, при презентирањето на резултатите, рече дека во зима нема директна поврзаност меѓу надворешниот и внатрешниот воздух.
„Во зима, кога надвор се екстремно високи концентрациите, нема пробивање во внатрешниот воздух зашто денес постои подобра изолација и објектите се енергетски ефикасни. Во текот на зимата има помали концентрации внатре, но во текот на летото концентрациите на штетни честички се повисоки внатре отколку во надворешниот воздух“,
рече Мираковски.
Препораките на Светската здравствена организација (СЗО) се надминати скоро за двапати, вели Мираковски и додава дека е неопходно да се преземат мерки за училиштата и градинките да се направат да бидат здрави и безбедни.
„Генерално, ние дишеме загаден воздух, и внатре и надвор, со тоа што внатрешниот воздух веројатно е и поголем проблем за нас бидејќи ние, посебно во зимскиот период, престојуваме подолг период внатре отколку надвор“,
рече Мираковски.
Професорот објаснува дека за справување со загадениот воздух во затворени простории има многу повеќе решенија. Добри и брзи резултати може да се постигнат со наједноставни мерки како почесто пребришување, користење обувки или облека само за внатрешниот простор, а не да се престојува со надворешната облека.
Други решенија што Мираковски вели дека даваат резултати се со поставување современи системи за вентилација до едноставни самостојни системи за филтрација на воздухот. Со овие системи, рече Мираковски, може да се намалат и 80 до 90 проценти од концентрациите на суспендирани честички.
Наодите до кои е дојдено во истражувањето покажуваат слични бројки во загадувањето во училиштата и градинките во сите пет општини.
„Нема разлика помеѓу студената и топлата сезона, како што е амбиентниот воздух, и слични се вредностите, се движат од 42 или 43 па до некаде 80 микрограми на метар кубен просечните концентрации и ПМ 2,5. Максимум е 25 за осум часа внатрешен воздух, различни се вредностите на амбиенталниот и внатрешниот“,
додаде Мираковски.
Наодите од истражувањето, според шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, ќе им помогнат на петте града во справување со проблемот.
Ларсон Џаин, упатувајќи благодарност до петте општини за кофинансирањето на овие планирани инвестиции, рече дека секој чекор на овој пат го гради движечкиот моментум кон постигнување на промени.
Според Григорјан, загадувањето на воздухот влијае на здравјето и на продуктивноста на работното место.
На презентирањето на резултатите од истражувањето присуствуваа и министрите за здравство и за образование и наука, Арбен Таравари и Весна Јаневска, и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Министерот за здравство рече дека имаат проект за справување со загадувањето и дека тој е веќе поминат на Влада, а неговата имплементација треба да биде до крајот на идната година. Станува збор за замена на стандардното греење со нафта и мазут со вклучување на систем во кој нема загадување на воздухот. Ова е предвидено да се направи во 10 болници, а во финансирањето партиципира Владата, но дека имало и донации од невладини организации.
Таравари посочи дека загадениот воздух особено им штети на ранливите категории луѓе, а кажа и дека имаме доволно капацитети во државава за да се опфатат пациенти со белодробни заболувања.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека државата мора да работи на подобрување на условите за живеење и работење во целата околина, но секако интензивно и во училиштата.
Таа рече дека се работи на подобрување на енергетска ефикасност на училиштата за да се намали емисијата на јаглерод диоксид, но и на промена на системите за греење.
Според Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, алармантен е проблемот со загадувањето за што, како што рече, говори и фактот на голем број хоспитализирани деца со белодробни и респираторни болести.
Посочи дека Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбедува на локално ниво блок-дотации за градинките и со тие средства, рече, тие може да набават прочистувачи за воздух.
„Како Министерство, во новиот буџет, ќе ја разгледаме можноста и најдиректно да помогнеме токму на решавање на ова прашање, барем на едно минимално или локално ниво, коешто не е решение, но можеби е некоја превенција во оваа ситуација“,
додаде Велковски.
Истражувањето е направено во период од скоро една година и согласно методологијата препорачана од Светската здравствена организација (СЗО) направени се анализи на квалитетот на воздухот во просториите каде што престојуваат деца и ученици.