Премиерот Зоран Заев вели дека земјава нема повеќе да се соочува со недостиг на вакцини против ковид и очекува процесот на имунизација да се одвива непрекинато се додека не се постигне колективен имунитет.
Заев го кажа ова по примопредавањето на првите дози на вакцините против ковид финансирани од Европската унија. За С Македонија се одобрени вкупно 119 213 дози од вакцината на „Фајзер“, кои ЕУ ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Јуроп“ (Team Europe). Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан, што ја координира Австрија, денеска пристигна првата испорака од 4 850 дози од вкупно 19 890 што се предвидени да бидат испорачани во месец мај.
„Зад нас останува периодот кога тешко се стигнуваше до вакцините и сите показатели и динамиката на пристигање на вакцините во претстојниот период најавуваат дека во тој поглед имаме сериозни промени на подобро. Сепак, и во такви услови, солидарноста на ЕУ за нејзините земји-членки, како и за земјите кандидати за членство во Унијата, не изостана“,
рече Заев.
Тој очекува дека со заинтересираност на населението за вакцинацијата ќе се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла со цел постигнување на колективен имунитет.