Тој вели дека граѓаните го препознаваат искрениот и одговорен однос како партија и како Влада, дека изминатите четири години се реализирани многубројни проекти, се гради секаде низ државата, силно, од двете страни на Вардар, нема повеќе злоупотреба на етничките односи заради дневна партиска политика…
Нема потреба од нови избори, парламентарното мнозинство е стабилно и може дополнително да расте, вели премиерот Зоран Заев, во интервју за српскиот дневен весник „Политика“, кој во денешното издание објавува две паралелни интервјуа со лидерите на двете најголеми партии во земјава – Заев на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Државата има стабилна Влада – демократска, европска, мултиетничка. Владата е столб кој го чува курсот кој сите заедно си го зацртавме и по кој се движиме напред. Коалицијата на Владата е стабилна и очекувам да расте. Не ни требаат нови избори. По долго време конечно имаме 2.5 години пред нас, период без избори, тоа е ретка можност. Тоа е она што го бараат граѓаните и она што е неопходно за економските перспективи. Јас цврсто стојам на тоа дека треба да се зграби оваа можност и државата веднаш по овие избори да продолжи напред кон раст на платите и пензиите и кон отворање на нови 150.000 работни места колку што имаме испланирано за следните години“,
вели Заев, одговарајќи на прашањето дали се планираат предвремени парламентарни избори.
Тој вели дека граѓаните го препознаваат искрениот и одговорен однос како партија и како Влада, дека изминатите четири години се реализирани многубројни проекти, се гради секаде низ државата, силно, од двете страни на Вардар, нема повеќе злоупотреба на етничките односи заради дневна партиска политика…
„Мејнстрим политиката од власта секојдневно повикува заеднички да работиме за децата да ни останат овде, да живеат овде и да работат и просперираат тука, во својата земја. Тоа значи да се обединиме и заедно да сработиме за повеќе работни места, за почиста животна средина, за квалитетни услуги за секој човек, за повеќе пари во секое семејство. За подобар живот. И гледам дека на овие избори конечно и тврдите националисти почнаа да зборуваат за едно општество. Колку и да е тоа неискрено и лажно од нивна страна, добро е што барем зборуваат за тоа“,
посочи Заев.
Заев е сигурен дека во вториот круг граѓаните ќе го потврдат исправниот правец по кој се движи државата.
„Народот прати прецизна порака. Ни кажа дека сака подобар перформанс од нашата демократска власт, а не сака да се врати ВМРО-ДПМНЕ. Но, во вториот круг народот треба да потврди дека правецот по кој се движиме е исправниот правец, бидејќи доколку се случи демократите да останат дома, тогаш се враќаат националистите, дури и со помалку гласови споредено со нивните порази во други изборни години“,
вели Заев во интервјуто за „Политика“.