Заев вели дека тоа што го виделе дека вози мотор значи дека не се крие и дека тоа не го прави на штета на работата
Премиерот Зоран Заев вели дека со тоа што возел мотор викендот не прекршил никаков закон и дека тој деновите кога не работи ги користи за да ги помине со семејството и за одмор.
„Во викенд сум со семејството и имам едно хоби, а тоа е возење мотор. Така јас ги полнам батериите. Уште на почетокот го кажав тоа. Секој човек заслужува да одмори. Секогаш кога можам сум со семејството или времето го користам за себе. Целосно се почитувани сите мерки, не возевме за време на полициски час“,
изјави Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање за реакциите од јавноста и од опозицијата дека додека земјата се соочува со голема здравствена криза тој и министерот за здравство викендов возеа мотори низ државата.
Заев вели дека тоа што го виделе дека вози мотор значи дека не се крие и дека тоа не го прави на штета на работата.
„Ако ова е на штета на нашите обврски и одговорност, веднаш ќе се откажам од моето лично право. Сѐ сме направиле и недела е ден за одмор и секој може да го искористи за себе“,
рече Заев.