Што и да се случи во Северна Македонија во иднина, Уставот мора да биде почитуван, вели поранешниот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Катимерини“
Граѓаните ги видоа бенефитите од Преспанскиот договор. Двете земји сега имаат значително зголемена соработка. По Преспанскиот договор, ситуацијата во регионот се менува. Иако сè уште има десничарски партии кои не ја прифаќаат промената на името, таа е дел од нашиот Устав. Што и да се случи во Северна Македонија во иднина, Уставот мора да биде почитуван, вели поранешниот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува Преспанскиот договор, мора да го почитува Уставот како една од најголемите партии во земјата. Без разлика дали ќе остане во опозиција или ќе дојде на власт, мора да го почитува. Дури и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно кажа дека нема назад од тоа“,
вели Заев за „Катимерини“.
Тој додаде дека и грчката опозиција во времето кога се потпишуваше договорот, а сегашна власт нашла начини како да се продолжи соработката меѓу двете држави.
„Треба да се забележи дека по Преспанскиот договор ситуацијата во регионот се менува. Сè позабележлива е соработката со повеќе од 2,5 милијарди евра инвестиции од Грција во Северна Македонија. Тоа е 25 отсто од нашиот БДП“,
посочува Заев.
Тој во интервјуто изразува благодарност до грчката влада предводена од Киријакос Мицотакис бидејќи се борела Северна Македонија да ги започне преговорите со Европската Унија.
„За тоа служат пријателите и ние сме навистина благодарни за тоа, граѓаните го ценат тоа“,
вели Заев.
Тој додава дека и во периодот на корона-кризата Грција била тука да ни помогне со вакцините, а сега се гради заеднички енергетски пазар.
„Со заедничкиот енергетски пазар ќе бидеме поиздржливи и поподготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно ќе бидеме посилни“,
вели поранешниот премиер.
Според него, Северна Македонија е блиска со Турција, а по Преспанскиот договор и Грција станува еден од најлојалните партнери на државава.
„Ние бевме многу блиски со Турција и сѐ уште сме, а по Преспанскиот договор стана јасно дека Грција ни станува еден од нашите најлојални пријатели, што се гледа и од анкетите кои покажуваат дека Грција е во петте најблиски држави за Македонците, за разлика од пред Преспанскиот договор, кога Грција беше помеѓу државите кои беа гледани како кочничари. Среќен сум кога ги гледаат фамилиите како комуницираат едни со други, се посетуваат. Македонците доаѓаат на кафе и шопинг во Грција“,
рече Заев.