Евроамбасадорот Дејвид Гир и денеска ја повтори вчерашната изјава дека релевантната легислатива за тоа спаѓа во делот на Општата регулатива за заштита на податоците – ГДПР, која стапува на сила во август и според која етничката и религиозна припадност, како и други елементи се забранети
Кај нас дебатата за правото на граѓаните доколку сакаат на својата лична карта да стои и етничка припадност е отворена, а како земја – кандидат за членство во ЕУ императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали вметнувањето на етничката припадност во личните карти е спротивно на европското законодавство.
„Секако на крајот ги следиме сите европски одлуки и регулативи, затоа што сакаме и да бидеме членка на ЕУ. Дебатата ќе биде отворена, секако во консултации и координации со европската делегација во Скопје и со Европската комисија во Брисел ќе ги носиме ваквите одлуки во зависност од тоа во кој правец ќе бидат донесени одлуките на ниво на ЕУ“,
рече Заев.
Тој денеска оваа изјава ја даде во другштво на евроамбасадорот Дејвид Гир со кого во Струмица ја отворија Европската куќа.
Евроамбасадорот Гир, пак, ја повтори вчерашната изјава што ја даде и на прес-конференцијата со министерот за економија Крешник Бектеши, дека релевантната легислатива за тоа спаѓа во делот на Општата регулатива за заштита на податоците – ГДПР, која стапува на сила во август и според која етничката и религиозна припадност, како и други елементи се забранети.
Тој потсети дека откако нашата земја ќе ги почне преговорите, фокусот ќе биде на сите детали во усогласувањето на националното законодавство со правилата и стандардните на ЕУ и ќе биде особено важно двете законодавства да бидат хармонизирани.