За законот за државјанство, премиерот рече дека по средбите со претставниците на Алијанса/Алтернатива добиле предлог-решение кое не е онакво какво што се договориле и затоа ќе треба уште една средба пред да се пушти во собраниска процедура
Од сите средби со опозицијата направивме сериозни отстапки од наша страна како Владата за да се одблокира работата на Собранието. Тоа треба да испрати порака до претседателите на комисиите од опозицијата за да ги пуштат во процедура законите, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање, зошто и покрај лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и средбите со лидерите на Алијанса/Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши и натаму 28 закони се под амандманска блокада.
„Направив сериозни отстапки за да имаме разбирање за опозицијата. Тоа е за пописот, изборното законодавство, делот за гласање со отпечаток од прст, промени во важењето за законски решенија, како она за пензионирање, постигнат е договор за законот за бесправни градби. Она што очекуваме се договор за законот за АВМУ, за Клиничкиот центар, со што ќе се направи исчекор за сите тие 27 закони“,
рече Заев.
Во однос на законот за државјанство, тој соопшти дека го добиле предлог-решението, но, како што рече, не е баш онака како што разговарале и сега најверојатно за конечно решение ќе треба средба на министерот и заменик-министерот за внатрешни работи, министерот за земјоделство за да се заокружи и да се пушти во парламентарна процедура. Но уверен е дека договор ќе се постигне.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера рече дека 28 законски решение и натаму се блокирани со амандмани, за разлика од претходно кога биле 37.
Најмногу амандмани – 2 697 има поднесено Алијанса/Алтернатива на законот за ревизија на инструментот за претпристапна помош ИПА.
