Прмиерот Зоран Заев вели дека блокирањето на работата на Собранието е несериозно однесување од страна на опозициските пратеници кои поднесуваа шеговити амандмани.
„Еве ја цела апсурдност и нелогичност на блокирањето на Собранието од страна на опозицијата. Еве го односот на Мицкоски и дел од пратениците од опозицијата кои дејствуваат по неговите опасни насоки. Ова е срамна непочит кон македонските граѓани“,
коментира премиерот Заев.
Тој ги повика пратениците од опозицијата да не посегнуваат кон загрозување на помошта за лозарите, пензионерите, самохраните родители, филмските работници, за сите граѓани.
Додека владејачкото мнозинство се обидува да ги отстрани пречките во функционирањето на законодавниот дом, што дополнително се усложнија со влошувањето на ситуацијата со ковид-19 во земјава, опозициските пратеници – 58 вкупно на број, наспроти 62 владејачки – ги саботираат можностите за каква било промена во работата на Собранието.
За таа цел, поднесени се над 3 000 амандмани на предложените измени на Деловникот, за кои минатата седмица Собранието утврди потреба да бидат донесени по скратена постапка.
Во амандманите поднесени од пратеникот Борис Крмов од Левица се бара пратеници кои се во изолација да покажат велигденско јајце пред камера, да не носат облека со обележја на моден салон, на месарница или на салон за маникир.