Премиерот Зоран Заев се обрати на одбележувањето на 80 години од народното востание во Прилеп
За празнувањето на вакви големи датуми и оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, рече дека е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато
Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, – сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество, рече премиерот Зоран Заев, во обраќањето на вечерашното одбележување на 11 Октомври, Денот на народното востание, во Прилеп.

За 11 Октомври рече дека е врежан со златни букви во колективната меморија на нашиот народ, големо дело кое ги вивна вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава.
Потсети дека македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо, дека нашите дејци од минатото се познати по големите косполитиски идеи, а нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво – стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите.
За празнувањето на вакви големи датуми и оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, рече дека е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Од друга страна рече дека и сегашните генерации имаат иста таква должност – патриотизам, кој би го славеле идните генерации, но за тоа треба да им се даде причина.
„Уште во самиот почеток на независноста граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. Тоа е патот на прогресивните демократии, европскиот пат, патот кон демократските вредности. Одбележувањето на овие важни денови е најсилниот потсетник за начелата и вредностите, кои никогаш не смееме да се заборават, но и за патот по кој треба да продолжиме. Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми. Преку отворен пристап воспоставивме соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Градиме партнерски однос со сите држави од соседството – Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња“,
рече Заев и ги спомена Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, нарекувајќи ги крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа.
АСНОМ не е избришан, станавме членка на НАТО
Тој се осврна и на обвинувањата дека АСНОМ е избришан од Уставот, кои ги нарече дезинформации.
„Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа 5 Мај“,
рече Заев и како следен голем чекор го посочи членството во НАТО.

„Ја отворивме заробената држава. Се ослободивме од отровите на национализмот и од заблудите на режимското владеење. Северна Македонија се отвори кон светот и направи пробив на меѓународен план кој го препознаа сите напредни демократии и ни ги доделија сите заслужени признанија. Благодарение на сето ова се реализираше една од нашите најважни стратешки цели за државата, полноправното членство во НАТО. Цел зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година, која секогаш имала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. Од држава оставена на маргините денес сме дел од моќното НАТО семејство. Нашата држава стана фактор на стабилност во регионот. Не прогласуваат за најбезбедна држава на Западен Балкан, со најтранспарентна Влада. Тоа го велат другите за нас“,
рече Заев.
Членството во ЕУ е остварливо
Во однос на членството во ЕУ, Заев спомена дека се преземени чекори, донесени се политички одлуки и изрази одлучност дека земјата ќе го добие местото што го заслужува.
„За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед. Нашиот глас е силен и далеку се слуша кога укажуваме дека секое натамошно одложување на почетокот на преговорите ги потхранува и храбри ретроградните сили во земјата и регионот. Укажуваме дека е опасно на тие сили, кои се противници на европското единство и европските вредности, да им се даде и најмала шанса“,
истакна тој.
За членството во НАТО и во ЕУ, како стратешки определби рече дека се само логични чекори за создавање просперитетна иднина за сите наши граѓани и посебно за младите – да се стимулираат да градат своја, подобра и побогата иднина во својата земја.

На крајот, за овој, како што го нарече историски предизвик, ги повика сите да дадат свој придонес и секој да остави длабоки траги на тој пат.
Манифестацијата продолжува утре
Со вечерашниот настан во Прилеп започна централната манифестација, во организација на Владата на Денот на народното востапние – 11 Октомври, која продолжува утре.
Утре во Прилеп, делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гостите од странство, ќе положат венци свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.
На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, на градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп Круме Соколоски.

Во Скопје, чествувањето на празникот 11 Октомври – Ден на народното востание и на јубилејот 80 години од овој настан ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 09:30 часот.
На свеченостите во Скопје свои обраќања ќе имаат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски.
Во Куманово, пред спомен костурницата во градот, венци свежо цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.