Додека неговиот политички ривал Христијан Мицкоски најавува ново парламентарно мнозинство по локалните избори и промена на централната власт, Заев е убеден дека актуелното ќе се зголеми
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното гостување во емисијата „200“ на Алсат ТВ излезе со уверување дека неговата партија и коалиција ќе однесат убедлива победа во третата изборна единица – Источна Македонија, каде во минатото победуваше ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели тој, ќе победат во 90 отсто од општините, а борбата со опозицијата ќе биде само во руралните места.
„За да им биде јасно на граѓаните дека ќе победиме, прво таму каде што победуваа досега, а тоа е трета изборна единица или Источна Македонија ќе победиме 90 на 10 во проценти. Тие ги имаа таму бројките и на гласови и на советници, и на сè. Ќе ги победиме. Штип ќе победиме, Кочани ќе победиме, Пробиштип, Берово, Виница, Делчево, Крива Паланка, Куманово, Старо Нагоричане … Ќе ги кажам сите. Знаете како, остануваат борбите во помалите рурални средини каде верувам дека исто така може да победиме, но нема дилема барем во тие што ги набројав дека ќе победиме“,
рече Заев.
Тој е уверен и во победат во четвртата изборна единица за каде не прогнозираше со проценти, но како општини каде верува дека ќе победи СДСМ ги наведе: Струмица, Радовиш, Ново Село, Босилово, Василево, Дојран, Валандово, Богданци …
Додека неговиот политички ривал Христијан Мицкоски неколку пати досега најавува ново парламентарно мнозинство по локалните избори и промена на централната власт, Заев е убеден дека актуелното ќе се зголеми.
„Не мислам дека ќе има ново мнозинство. Прво нема природни политички основи да има. Како и да ги вртите бројките нема. Јас го гледам господинот Мицкоски неколку пати пред сите избори посебно. Последните месеци дури отидов и со гласање на доверба на Владата и се виде кој има мнозинство, кој не. Стабилно е мнозинството и тоа може да расте. Може да расте затоа што еве има пратеници со кои се разговара секогаш, ние го правиме тоа на многу природен и едноставен начин во делот на филозофијата, на проектите, на верувањата, на иднината на државата, на одењето напред. И тука јас очекувам дека парламентарното мнозинство ќе порасне. Еве слушајте ми го зборот дека ќе порасне, месеците после изборите се пред нас“,
рече Заев.