Кој знае што ќе останеше од предорбеничкото жариште доколку навреме не ставевме гума за спасување, рече лидерот на СДСМ. Зборувајќи за опозицијата, тој го нарече Мицкоски „маската на Груевски“ и рече дека е опасност за државата
Комитетот за светско и културно наследство на УНЕСКО ги препозна и уважи напорите на Владата и локалната самоуправа и со консензус донесе одлука природното и културното наследство на охридскиот регион да не биде ставено како наследство во опасност. Но, знаеме дека работата не е завршена, мора да продолжиме да дејствуваме со максимална ангажираност, посветеност и заедништво, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Охрид.
Тој додаде дека охриѓани треба да го поддржат актуелниот градоначалник Константин Георгиевски за нов мандат со цел продолжување во издигнувањето на Охрид меѓу европските градови од светски интерес со унапреден туризам.
„Кој знае што ќе останеше од предорбеничкото жариште, од културниот и духовниот центар доколку навреме не ставевме гума за спасување. Режимот го ставивме во минатото, каде што му е местото, а Охрид го спасивме, го понудивме најдоброто и најдоброто ќе продолжи да победува. Охриѓани заслужуваат да живеат во својот роден град, од својот труд, но по највисоки европски стандарди, како што доликува на град со светска вредност и реткост. Потребно е да се задржи континуитетот на напредокот, бидејќи Охрид е нашето најдобро и го заслужува најдоброто,“
рече Заев.
Тој додаде дека Охрид ќе продолжи да ја има поддршката од централната власт, со цел, како што рече, да се издигне од балкански Ерусалим во европски Охрид и најави дека во периодот што престои ќе се засили соработката со Албанија за целосна имплементација на планот за управување со охридскиот регион.
Зборувајќи за опозицијата, Заев го нарече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „маската на Груевски“ и рече дека е опасност за државата.
Со оглед дека тие имаат намера да ги искомплицираат европските интеграции, односите со соседите, односите меѓу етничките заедници во нашата држава – наводните проекти на ВМРО-ДПМНЕ се неизвесни, бидејки иднината што ја најавуваат како „нова“ е крајно неизвесна и опасна! Видовме – опасна е таквата нивна „иднина“ за држава, опасна е за граѓаните, а видовте и вие охриѓани, колку можат тие да бидат опасни и за Охрид.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се oпасност за граѓаните и државата и на нив е опасно да им се довери да водат – и општина и држава. И додека таа партија не се реформира – ниту смее да дојде на власт – ниту ние, заедно со вас, ќе го дозволиме тоа, порача Заев од Охрид.