Претседателот на СДСМ вечерва беше на средби со граѓаните во кумановските населби Гоце Делчев и Диво Насеље како дел од кампањата за вториот круг од локалните избори
Куманово и на овие избори ќе одржи лекција по социјалдемократија, по прогресивност и секако по обединување и ќе даде пример за целата држава, порача вечерва претседателот на СДСМ Зоран Заев, на средбите со граѓани во кумановските населби Гоце Делчев и Диво Насеље како дел од кампањата за вториот круг од локалните избори.
Заев говореше за досега спроведените проекти во Куманово и побара поддршка за Оливер Илиевски за градоначалник на Куманово.
„Со нас знаете на што сте, со нас сте на чисто. Голема е разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ. Ние за четири години сите плати во просек ги покачивме за 6 000 денари, ВМРО-ДПМНЕ за шест години ги покачија само за 1 700 денари. Ги покачуваме пензиите постојано, а од следната година со новата методологија на усогласувањето, пензиите ќе растат меѓу 400 и 600 денари и тоа секој први јануари и секој први јули. Покажавме дека има пари за се во државата само треба да се работи одговорно и домаќински. Успеавме и во време на пандемија да расте просечната плата и да се намалува стапката на невработеност. Вие отсекогаш сте се бореле, ве повикувам да продолжите да се борите, обединете се да го сочувате социјалдемократскиот дух на Куманово, да ги сочувате единството и сплотеноста“,
рече Заев.