Премиерот рече дека до крајот на декември има можност за одржување на прва меѓувладина конференција и дека очекува одговорност и позитивна одлука од бугарската страна
Извесно е дека Бугарија ќе стави вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, вели премиерот Зоран Заев.
„Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете во проценти колку – е повеќе, отколку да добиеме позитивна одлука. Сепак никогаш не ја губам надежта заради тоа што одговорноста е голема на политичарите. До декември има времe, до крајот на декември е можност за прва меѓувладина конференција. Очекувам одговорност, крик на пријателство од бугарската страна. Ако се испрати негативна порака сите знаеме што тоа може да развие, не ни требаат такви работи ни треба пријателство подадена рака, заедно да го чекориме европскиот пат“,
рече Заев.
Премиерот порача дека ако Бугарија не е задоволна од исполнувањето на договорот за добрососедство ќе има можност да стави блокада и во текот на преговорите на земјата со ЕУ.
„Јас се надевам дека пријателска Бугарија ќе остане на линија на пријателството, имајќи предвид дека ако не се со нешто задоволни од исполнувањето на договорот, имаат можност 130 пати низ на 34-те поглавји да стават вето или блокада. Договорот со Бугарија и договорот со Грција се меѓународни договори кои имаат своја реализација. Тоа го потврдија и бугарската страна, iмаме решенiе 5 историски личности и спремни да почне имплементацијата на двете страни. Треба да продолжиме понатаму“,
рече Заев.
Заев посочи дека историските комисии на двете земји досега постигнале напредок и дека блиску се до компромис и за Гоце Делчев.
„За 20 месеци одржавме 10 седници. Германија – Полска, Германија – Чешка, исти вакви комисии првите резултати ги имале на десет години од составувањето на Комисијата или се состануваат еднаш годишно. Убеден сум дека со позитивни одлуки градиме пријателство, со негативни одлуки градиме горчина. Двата народи се со заедничка историја и минато и во таа историја се развиле денешните народи. Од словенската јужна група на јазици излезени се двата јазици. Зошто не е доволно заедничко? Како тоа да биде заедничо, а да биде бугарско? Или заедничко, а македонско? Заедничко е заедничко. Одговорноста останува на политичарите. Ако се позитивни одлуките историјата ќе испише позитивни златни букви. Ако се негативни ќе испише горчина. Но, јас верувам ќе бидеме мурди тоа да го направиме“,
рече Заев.
Премиерот додаде дека македонскиот народ никогаш не би ставил вето на бугарскиот и дека двете земји треба да се поддржуваат.
„Знам дека и бугарскиот народ не сака блокада на македонскиот нардо. Политичарите се тие кои треба да носат одлуки. Разбирам, не и лесно и во Бугарија, има критички осврт, должност наша како политичари е да објасниме. Испраќам порака да градиме пријателство, лесно е да се гради непријателство. Европски е да се гради пријателство“,
рече Заев.
Бугарската министерка за надворешни работи пак, Екатерина Захаериева денеска рече дека нема начин Бугарија да каже „да“ за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ во оваа фаза.
Таа го повтори ставот дека македонската страна не ги исполнува обврските од Договорот за добрососедство и дека не е подготвена за старт на преговори.