Премиерот преку грчкиот министер уште еднаш упатил отворена покана до својот колега Киријакос Мицотакис за посета на Северна Македонија

На средба во Владата помеѓу премиерот Зоран Заев и грчкиот министер за надворешни работи задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис било потврдено дека од исклучителен заеднички интерес и стратегиска цел на двете земји е Северна Македонија колку што може поскоро да ги започне пристапните преговори со ЕУ, како и дека Грција ќе продолжи со силната поддршка во таа насока, соопштија од владината прес-служба.
Заев, велат од Владата, истакнал дека интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи за постигнување на европските стандарди, а не од билатералните прашања.
Со грчката делегација се разговарало и за економијата и соработката помеѓу двете земји, а проектите во енергетиката како биле истакнати како стратегиска и приоритетна дејност за двете страни.
„За време на разговорот од двете страни беше потенцирано задоволството што го нагласуваат инвеститорите од Грција за соработката со Владата на Северна Македонија, која, како што беше кажано, е дополнителен мотив и испраќа силна порака дека бизнис заедницата на Хеленската Република има пријателска средина за инвестиции во нашата земја“,
додаваат од Владата.
Исто така, Заев преку Варвициотис уште еднаш упатил отворена покана до грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за посета на Северна Македонија.