Премиерот уверува дека се преземаат мерки за да се одржи стабилна цената на електричната енергија за домаќинствата, како и за помош на компаниите, а за прогнозите за скок на цените на храната и до 50 проценти вели дека се претерани
Првата порака е дека граѓаните не треба да стравуваат затоа што цената на струјата е утврдена од Владата, разликата кон ЕСМ ние ја покриваме, а ДДВ го намаливме на 5 проценти, така што се преземани сите мерки за цената да остане стабилна за граѓаните и за домаќинствата, изјави денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи за високите берзански цени на електричната енергија.
Тој најави и мерки за помош на компаниите за кои посочува дека се на отворен пазар, исто како и јавните претпријатија институциите.
„Компаниите, јавните претпријатија, институции се на отворен пазар. Како е секаде во светот така е и кај нас, но секако и тука нема да останеме неми набљудувачи. Даден е налог, денеска мислам дека е отворен тендер, за вклучување на трет блок на РЕК Битола, со цел да креираме политики на комплетно менаџирање и кон компаниите и јавните институции. Тоа значи употреба на 1,8 милион тони јаглен за дополнително производство на електрична енергија. Сите обновливи извори на енергија исто така ни се добредојдени“,
рече Заев.
Тој посочи дека целиот свет е засегнат со оваа тема, затоа што берзанските цени навистина одат многу високо.
„Да напоменам дека нашиот модел е европски, со целосна либерализација. Постепено го либерализираме и пазарот за домаќинствата, но државата го покрива овој дел. Цената на берзата во последниот период се движи од 170 евра за мегават до 220 евра, а ние ја даваме цената за домаќинствата од 36 евра за мегават. Тоа е четири – пет пати пониска цена, со тоа што државата интервенираше на неколку начини и навремено, уште пред неколку месеци, затоа што беше евидентно дека со енергетските политики, со климатските промени, чекорите што ги преземаат и други земји, севкупното производство се зголемува во цена на чинење, побарувачката се повеќе се зголемува и тоа предизвикува ценовни шокови и последици, “
рече Заев.
Заев, исто така, оцени дека се претерани прогнозите на стопанственици дека цените на производите во трговската мрежа може да пораснат и до 50 отсто во наредниот период.
„Претерано е кажувањето за поскапувања од 50 отсто. Инфлацијата кај нас е контролирана и е до 2,7 проценти. Чувствително е кога инфлацијата ќе надмине 10 проценти. Ние не можеме да бидеме изолирани од светот, затоа што сме отворен пазар, поврзани сме и зависни од европските пазари. Цената на струјата е главен индикатор за покачување на цените на производите, но таа учествува на просечно ниво не повеќе од три проценти. Берзанските цени на струјата ќе имаат одредено влијание на цените на продуктите, но 2, 7 проценти инфлација е контролирачка. За сѐ што ќе ги надмине очекувањата, Владата е тука“,
рече Заев оценувајќи дека сериозно е зајакната ликвидноста и солвентноста на државата, што, како што вели, е доказ дека постепено излегуваме од кризата.