„Ла Верита“, повикувајќи се на свои извори, тврди дека причината за враќање на авансот е што зделката требало да се одвива преку фантом-фирма со седиште во Хонгконг, а тоа оставило сомнеж кај официјален Пекинг што, пак, довело до поништување на процедурата
Премиерот вели дека не го прочитал текстот на италијанскиот весник, но конкретно за кинеските вакцини посочи дека една од фирмите преку која се обиделе да ја направат нарачката била фирмата мајка на компанијата „Синохидро“, која е ангажирана во земјава за изградба на патишта
Премиерот Зоран Заев денеска, зборувајќи за набавката на вакцини, отфрли какви било инсинуации за незаконски дејствија, но посочи дека државата се обидела да направи нарачки преку кинески фирми кои се присутни во земјава. Сепак, рече тој, на крајот се одлучиле, согласно дипломатските ставови на Кина, нарачката да оди преку Амбасадата на Кина и кинеското МНР.
Неговите коментари доаѓаат по новинарски прашања откако италијанскиот весник „Ла Верита“ објави текст во кој наведува дека враќањето на авансот што го даде државата за кинеските вакцини е од причина што Владата сакала да ја направи набавката преку фантом-фирма.

„Апсолутно негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување, зашто во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали. Јас ја информирав јавноста, и министерот за здравство информираше дека после две недели чекање на активности на кинеската амбасада, ние директно преку ‘Синофарм’ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада“,
рече Заев.
Тој вели дека преку десетина фирми било доставено писмо со намери, и тоа не само кинески туку и компании од Австрија, Велика Британија и Америка.
„Секако, нарачките што сме ги правеле, во конкретниот случај кон Кина, се со потврда и писма на ‘Синофарм’ и нормално сите документации се регулирани како што се. Донесени се сите неопходни одлуки, но на крајот се одлучи дека треба да одиме преку кинеската амбасада и МНР на Кина. Во првиот случај имавме и потврда на Министерството за здравство на Кина, но сепак ги почитуваме дипломатските ставови на пријателска Кина и затоа нарачката е преку Амбасадата и МНР на Кина“,
рече премиерот.
Тој вели дека не го прочитал текстот на „Ла Верита“, но конкретно за кинеските вакцини посочи дека една од фирмите преку која се обиделе да ја направат нарачката била фирмата мајка на компанијата „Синохидро“, која е ангажирана во земјава за изградба на патишта.
„Не сум прочитал, ми кажаа во рапортот од сабајле дека има нешто објавено на ‘Ла Верита’ дека Владата правела нарачки и преку приватни компании. Да, сме правеле. Јас кажав, ни помогна во целата нарачка ’Пауер Чајнаa‘, која е мајка компанија на ’Синохидро‘ која, пак, ги гради патиштата во Северна Македонија и друга кинеска фирма која во моментов не работи на инфраструктурата. Се обративме преку таа форма, ’Пауер Чајнаa‘ е еден од деветте кандидати и за Чебрене, џиновска компанија која е во државна сопственост на Кина и, покрај Амбасадата, се обидувавме и преку тоа што го имаме кинеско овде, а тоа е компанијата која работи овде“,
рече Заев.
Весникот „Ла Верита“ пишува дека дошол до увид во две писма кои ги испратил министерот за здравство Венко Филипче. Првото, тврди, докажува дека Филипче испратил барање до „Синофарм“ на 25 декември 2020, додека во второто министерот наведува дека би ја ослободил Кина од какви било негативни ефекти од вакцината. Потаму, италијанскиот медиум се осврнува на вратениот аванс тврдејќи дека причината е што набавката се одвивала преку фантом-фирма.
„Причината за ова, според извори на ’Ла Верита‘, е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом-фирма со седиште во Хонгконг, која е наведена исто така во сите официјални писма на министерот. Фактот што приватна фирма, која според првичните анализи нема стабилни темели, но има доволно средства депонирани во германската Дојче банк, била вклучена од страна на македонската Влада во посредувањето, оставило сомнеж на официјален Пекинг дека можеби се наоѓаат пред обид за измама и тоа довело до поништување на процедурата“,
пишува „Ла Верита“.