Јас тврдам дека парламентарното мнозинство ќе порасне, и ако читате точно што кажа Алтернатива вели „по вториот изборен круг во понеделник ќе биде објавено ново владино мнозинство“, па прашајте ги за кое владино мнозинство размислуваат
Оние кои најавуваат ново парламентарното мнозинство по вториот круг од изборите треба да кажат и дали се за Преспанскиот договор или за Договорот со Бугарија, за ЕУ и НАТО, бидејќи тие се основите за коалицирањето во Парламентот. Постојното парламентарно мнозинство може само да расте, а не да биде променето, вели премиерот Зоран Заев.
На прес-конференција во Владата, запрашан дали гледа закана за стабилноста на парламентарното мнозинство, откако Алтернатива ја отфрли можноста дека ќе се приклучи во владиното мнозинство, а БЕСА доби поддршка од Алијанса за Албанците за кандидатите во Тетово и во Желино, тој рече дека тоа е „легитимно право“.
„Апсолутно не. Локални избори се, легитимно е политичките партии да прават свои партнерства, коалиции и договори за настап во вториот круг од изборите се со конечна цел да успеат со своите кандидати, почнувајќи од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса, БЕСА, Алтернатива и сите други политички субјекти кои учествуваат во вториот круг“,
порача Заев.
Тој повтори дека коалициите и мнозинството имаат природна причина за нивно создавање, опстојување или расформирање, како и создавање на ново мнозинство.
„Треба да кажат сите кои најавуваат вакви разврски на настаните после вториот изборен круг, ќе бидат за Преспанскиот Договор или за Договорот со Бугарија, за едно општество за сите, за Законот за употреба на јазиците или ќе бидат против. Во суштина е тоа, ќе бидат за ЕУ и интеграциите низ пријателски дијалог и дипломатија или ќе бидат за клинч. На тоа се основаат коалициите и парламентарното мнозинство. Јас тврдам дека парламентарното мнозинство ќе порасне, и ако читате точно што кажа Алтернатива вели ‘по вториот изборен круг во понеделник ќе биде објавено ново владино мнозинство’, па прашајте ги за кое владино мнозинство размислуваат“,
рече Заев.