Во однос на вмешувањето на трети страни во разговорите со цел изнаоѓање решение, премиерот потенцира дека и еврокомесарот Вархеји, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и САД, се пријатели кои може да ги охрабрат двете страни. Но, како што вели, проблемот се решава билатерално и токму во билатералните разговори има позитивни поместувања
Премиерот Зоран Заев, вели дека разговорите со Република Бугарија се движат на добар пат, а од Самитот ЕУ-Западен Балкан закажан за во среда очекува јасни и недвосмислени пораки за проширувањето на Унијата, кои наведува, би биле и дополнителна мотивација Скопје и Софија до крајот на годината да ги решат проблемите.
По вчерашната изјава на бугарскиот технички премиер, Стефан Јанев, дека по изборите во двете држави дијалогот може да добие поинаква динамика, Заев во коментар вели дека тоа е една од причините, но друга е тоа што има поместување на работите во добар правец.
„Прво сите знаеме дека кога завршуваат изборите сите политичари се поразумни и поодговорни отколку пред изборите и навистина со завршени избори кај нас и во Бугарија, тоа е првата причина за да имаме добра шанса. Втората уште посуштествена причина е што во разговорите се движиме на добар пат, меѓусебната разбирачка сè повеќе е присутна во разговорите – тие да не разберат нас, ние да ги разбереме нив. И верувам дека низ едни такви разговори, низ дијалог, низ убава дипломатија, низ пријателство и подадена рака ќе го потврдуваме добрососедството, пријателството и соработката со Бугарија кое е означено со договорот од 2017 година, но во пракса исто така мораме тоа да го гледаме секојдневно меѓу нас“,
рече Заев.
Тој ќе ја предводи државната делегација на Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во среда во Словенија, а таму, според неговата најава, ќе се сретне и со бугарскиот претседател Румен Радев.
„Очекувам Самитот да зборува генерално за Западен Балкан затоа што ова не е одлучувачки самит, ова е политички самит посветен на земјите од Западен Балкан и ќе бидат навистина голем број од лидерите односно претседатели, премиери, канцелари од сите земји-членки на ЕУ. Словенија ни е голем пријател, отсекогаш ни била, премиерот Јанша се залага многу да го врати позитивниот сигнал за проширувањето кон Западен Балкан. Верувам дека со соодветни формулации на реченици, со конкретни гестови, со сериозни одлуки ќе се испрати таа порака на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и ќе биде недвосмислена, чиста и јасна“,
изјави Заев откако претходно нагласи дека таму ќе бидат присутни и бројни лидери од земјите-членки на ЕУ, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Во однос на вмешувањето на трети страни во разговорите со цел изнаоѓање решение, премиерот потенцира дека и еврокомесарот Вархеји, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и САД, се пријатели кои може да ги охрабрат двете страни. Но, како што вели, проблемот се решава билатерално и токму во билатералните разговори има позитивни поместувања.
„Тоа е причината зошто верувам дека ќе се придвижиме кон решение“,
додава Заев.
Во изјавата за медиумите, премиер уште еднаш нагласи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е потребен процес и за двете страни. Како што рече тој, земјите од Западен Балкан ја гледаат иднината во ЕУ, но и Унијата знае дека ѝ е потребен Западен Балкан на неа.