Лидерот на СДСМ на денешните партиски настани зборуваше и за националните интереси и рече дека се решени сите отворени прашања досега. Го заштитивме, како што рече, македонскиот јазик и идентитет и признаени сме од целиот свет
Само обединети околу бројот 12 ќе го спречиме режимот да се врати назад, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва од Гевгелија барајќи ја поддршката од граѓаните за актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Сашко Поцков.
„Гевгелија, нема да дозволиме никој да ѝ го украде европскиот дух и да ја врати во времето на барокот, некаде во минато време. Гевгелија, којашто е со отворени порти кон Европа, знам дека нема да дозволи режимот да се инсталира во градот и налик на Скопје, да ви донесат бикови, шмизли, лавови, а вас граѓаните да ве затворат со изолација, во мрак“,
рече Заев.
Тој претходно беше и во Општина Росоман каде исто така повика на обединување и поддршка за кандидатот Стојан Николов.
„Животот на граѓаните зависи од општините, општинската администрација, училиштата, градинките, комуналните претпријатија и со новите надлежности опфатени со третата фаза на децентрализација, важно е какви градоначалници ќе ги водат општините‘,
порача лидерот на СДСМ.
Заев зборуваше и за националните интереси и рече дека се решени сите отворени прашања досега. Го заштитивме, како што рече, македонскиот јазик и идентитет и признаени сме од целиот свет.
„Признаени сме од целиот свет, сме земја членка на НАТО, европски и економски исправена. Платите и пензиите растат. Сите плати за најмалку 6.000 денари се покачени за четири години, а само во последните шест години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беа 1 740 денари. Минималната плата од 9 000 денари ја покачивме на 15 200 а веќе од 1 јануари ќе ја покачиме на 18 000 денари, директно со поддршка и помош на компаниите, за да може да ги издржат платите. Пензискиот фонд е стабилизиран, гарантира пензии за сегашните и идните пензионери. Од 1 јануари ќе го воведеме и вториот критериум – како растат платите да растат и пензиите. Секој први јануари и секој први јули ќе има покачување меѓу 300 и 700 денари покачување два пати годишно. Субвенциите ги насочивме кон индивидуални земјоделски производители, субвенциите се наплаќаат навремено и се зголемени“,
рече Заев во Росоман.