На изборите СДСМ ќе ја победи ВМРО-ДПМНЕ, а разликата ќе биде помеѓу 60.000 и 120.000 гласа, сè додека се вакви политиките на опозицијата и сè додека граѓаните ги држи сеќавањето на минатото.
Ова го порача премиерот Зоран Заев од собраниската говорница на седница за пратенички прашања.

„Како што одминува времето, оние што се разочарани од владејачките партии ќе се вратат и ќе гласаат затоа што се ежат кога ќе помислат на враќање на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.
Тој овие пораки ги упати до опозицијата коментирајќи ги последните анкети кои покажуваат благо водство на СДСМ откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ги спомена анкетите дека се нарачани од власта и не соодветствуваат со реалноста.
Заев, пак, порача дека последната анкета е објавена од невладината МЦМС, која е финансирана од меѓународните институции и постојано објавува анкети, од кои дел некогаш не му се допаѓаат ниту на СДСМ.

Дискусијата за анкетите беше претходница за прашањето на Мицевски: Дали Заев ќе прифати да има шпиц-кандидат за премиер, кој нема да биде на кандидатските листи и оној кој ќе ги изгуби изборите да си замине од политиката.
Премиерот рече дека шпиц-кандидат е нешто што е и европска пракса, но во неа шпиц-кандидатите се и на кандидатски листи, што беше случај и на последните европски избори.
„Нека прифати Мицкоски една изборна единица и ќе се договориме“, рече Заев кој потоа уште еднаш му порача на пратеникот дека ако ВМРО-ДПМНЕ прифати промена на изборниот модел тој ќе прифати формулација за шпиц-кандидат онаква каква што тие ќе сакаат.
„Јас и тој можеме да ги донесеме одлуките. Не шпиц, и лево и десно крило ако сака“, рече Заев.
На парламентарни избори да се оди со шпиц-кандидат или мандатар, е едно од барањата кои изминатиот период ги промовираше Христијан Мицкоски и според неговата идеја, тој што ќе ги добие изборите ќе има шанса да формира влада, а губитникот ќе замине од политиката и нема да може да се крие зад пратеничкиот имунитет.