Лидерот на СДСМ рече во Гостивар дека опозициската коалиција е брак од интерес и дека ќе се распадне кога ќе се види дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса/Алтернатива не гласале едни за други
Лидерот на СДСМ Зоран Заев прогноза распад на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса/Алтернатива веднаш по гласањето в недела. На митинг во Гостивар, тој оцени дека Христијан Мицкоски и Зијадин Села се споиле „околу заедничката безидејност, околу заедничката омраза кон другите“.
„Таа вештачка коалиција, тој брак од интерес ќе им се распадне уште в недела некаде околу полноќ, кога и двајцата ќе видат дека ниту членови на ВМРО-ДПМНЕ гласале за Алијанса за Албанците, ниту пак членовите на партијата на Села гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Така ќе биде, и никако поинаку, затоа што не одат заедно „Македонци варвари“ и „чиста Македонија“ ,
рече Заев.
Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ, освен што не сакало да ги реши тешките прашања, и целосно се ставиле во функција на саботажа на секој обид за напредок на државата.
„Ние промовираме ‘Едно општество за сите’, тие предизвикуваат етнички тензии. Но, граѓаните добро знаат да направат разлика и како бел ден стана јасно кој се бори да ја нормализира нашата држава, а кој да ја дестабилизира’,
рече Заев.