Проектот е во согласност со отворениот пристап на оваа влада за инклузивен процес кога се работи за важни прашања, вели премиерот по веста за вклучување на двајца ексминистри на ВМРО-ДПМНЕ во тимот на вицепремиерот за економија
„За татковината со љубов“ e иницијатива за консултации за важни прашања од интерес за земјата со една широка листа во која се вклучени личности со различни експертизи и од различна политичка провиниенција, информираше премиерот Заев во интервју за Слободна ТВ.
„Тоа е идеја и понуда на заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања Битиќи со која сум запознаен. Иницијативата е во согласност со отворениот пристап на оваа влада за инклузивен процес кога се во прашање важни стратешки прашања од интерес на граѓаните и државата. Јас секогаш имав и имам отворена понуда до опозицијата за заеднички разгледувања за различни големи иницијативи, но не прифаќам во фокусот на таа понуда да биде ситниот партиски интерес и политички профит. Еве, како најнова понуда е да разговараме за Законот за Клиничкиот центар, на пример, и подготвени сме да ги слушнеме мислењата на сите за да постигнеме најдобро и најефикасно решение за еден ваков стратешки објект во јавното здравство“,
рече Заев.
Поранешните вицепремиер Владимир Пешевски и министер за финансии Кирил Миновски се дел од поширокиот советодавен тим на сегашниот Битиќи.
Сегашниот вицепремиер во гостување на Телма не одговори директно дали овие поранешни високи функционери од претходната владејачка гарнитура се вклучени во неформалната платформа „За татковината со љубов“, но на прашањето дали тие се дел од платформата, тој одговори дека секој што ја сака татковината е дел од тимот.