Лидерот на СДСМ и мандатар за формирање нова влада, Зоран Заев, поднесе оставка од пратеничката функција. Оставката ја констатираше Собранието попладнево на седница, по што се очекува ДИК на седница набргу попладнево да му додели уверение на следниот кандидат на листата на СДСМ во изборната единица 4 каде што се кандидираше Заев.
Следна на листата во „четворката“ од коалицијата „Можеме“ е Драгица Ѓавочанова.
Таа треба да ја извести ДИК дека го прифаќа мандатот, а Комисијата да ѝ додели уверение, по што на седница во Собранието ќе треба да се верификува нејзиниот мандат.
Ваквата процедура до вечерва најверојатно ќе продолжи за уште 6 пратеници од СДСМ (Никола Димитров, Мила Царовска, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Јагода Шахпаска и Радмила Шекеринска) и еден од ДУИ (Насер Нуредини) кои ќе се најдат во предлог-листата за министерските места во новата влада. Составот на новата влада, според најавите, ќе биде доставен до Собранието утре.
Претходно во текот на денешниот ден беше констатирана оставката на Флорин Бесими, кој се повлече откако ДУИ објави дека ќе го предложи неговиот брат Фатмир Бесими за министер за финансии.
Денеска Собранието треба да го утврди и бројот на потпретседатели. Според предлог-одлуката, и во овој како и во претходниот состав нивниот број треба да изнесува најмногу пет.
Џафери ја отвори и седницата на која единствена точка на дневниот ред е утврдување на бројот на потпретседатели, но на неа имаше само процедурални обраќања. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека парламентарното мнозинство само декларативно се залага за скратување на трошоците, а од друга страна предлага да има толку голем број на потпретседатели во Собранието. Зборуваше и Гордана Силјановска-Давкова, која, меѓудругото, направи споредба и со парламентите во другите земји велејќи дека според бројот на пратеници македонското Собрание има најмногу потпретседатели.
Јован Митревски од СДСМ, пак, реагираше дека тоа што предлог-одлуката е да има најмногу пет потпретседатели не значи дека бројот ќе биде толкав, туку може да биде и помал.
Гласањето и дискусијата за потпретседателите најверојатно ќе продолжи подоцна во текот на денот откако ќе бидат констатирани оставките и ќе бидат верификувани мандатите на новите пратеници.