Тој информира и дека членови на семејствата на лицата што се хоспитализирани веќе дошле во болницата

Ќе почекаме причините за несреќата да ги кажат стручните служби. Настраданите не се само од Скопје туку се од повеќе места. Сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности се, но има и еден граѓанин од Прешево, Србија, кој заедно со свршеницата од Куманово бил во Истанбул на прошетка. Во списокот видовме и дека има едно лице со белгиско државјанство, изјави премиерот Зоран Заев кој денеска, заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, Венко Филипче и Бујар Османи, ги посети седумте хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека сѐ уште не знае детали, иако имал информација дека седумтемина што преживеале кога настанала несреќата успеале да го скршат прозорецот кај задните седишта.
„Ќе им оставам на бугарските експерти да ги кажат анализите за причините на несреќата. Живите имаат впечаток како тоа се случило. Ако ние политичарите го кажуваме тоа, може да настане проблем. Не може премиерот на Северна Македонија да каже дали брзината била соодветна или дали бил исправен автобусот, тоа ќе го кажат стручните служби, експертите и професионалците“,
нагласи Заев.
Информацијата за несреќата, како што истакна, ја добил во 3:30 часот синоќа од премиерот Стефан Јанев, а потоа му се јавил и претседателот Радев.
„Благодарен сум за посветеноста околу истрагата. Знам дека прават сѐ, како за свои граѓани. Ќе можеме по посетата на болницата од Јанев да се информираме за деталите. Прво ќе се видам со него, а со нас е постојано министерот Стоев. Благодарни сме на целата асистенција“,
рече Заев.
Тој информира и дека членови од семејствата на лицата што се хоспитализирани веќе дошле во болницата.
„Тука се, имаа можност да си ги видат своите роднини, да поразговараат со нив, а дел од нив ги запознаеме“,
рече премиерот.
Заев рече и дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го информирал дека превозникот е „Беса транс“, кој стандардно и најчесто вози туристички тури на релација Истанбул – Софија – Скопје.
„Не можам да кажам детали, знам само како се вика фирмата, дека се занимава со туризам и дека има повеќе автобуси, како и дека е често на релација Истанбул – Софија – Скопје“,
нагласи Заев.
Тој одржа и заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер, Стефан Јанев, на која рече дека двете земји како први соседи си помагаат и соработката околу трагедијата добро ќе се одрази на носите меѓу Северна Македонија.
„Заедно сме и во добро и во лошо, ние сме први соседи, за мене братски народи и секојпат треба да се најдеме и помагаме. Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни – тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро“,
изјави Заев на заедничката прес-конференција.
Бројката која ја соопшти Заев е дека загинале 46 лица и рече дека Владата ќе размисли за прогласување денови на жалост, а за истото размислува и бугарската влада која, покрај за овој, би прогласила ден на жалост и за загубените девет живот во последниот пожар во старечки дом.
„Соработката е на високо ниво. Довербата во институциите едни со други е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните кога ќе ги дадеме сите неопходни информации за несреќата и како се случила. За причините не би коментирал, затоа што треба експертите да ги кажат сите детали, зашто само така е исправно“,
изјави Заев.
Бугарскиот премиер Стефан Јанев, посочи дека трагедиите се вообичаени и трагедиите се она што нè допира и прави луѓе и сочувствителни – без разлика од која националност се луѓето кои повеќе не се со нас.
„Денес е посебен ден, ден кој бугарскиот народ го одбележа со две сериозни трагедии. Ден одбележан со две тешки трагедии – синоќешниот инцидент во село Ројак, каде загинаа девет бугарски државјани. Трагедијата сè уште се истражува. Истражните органи мора да си ја завршат работата. Неколку часа подоцна, нова трагедија го одбележа денешниот ден“,
рече Јанев.
Во врска со автобуската несреќа, Јанев истакна дека бугарските и властите на Северна Македонија работат во координација, нагласувајќи дека „од истрагата се надеваме дека ќе ги научиме овие лекции кои ќе нè штитат од вакви инциденти во иднина“.
Заев се сретна и со бугарскиот претседател, Румен Радев, на којашто средба порачаа дека се заедно во тагата за жртвите.
Во соопштението на кабинетот на Радев наведоа дека Бугарија ќе ги преземе сите навремени активности за откривање на причините за автобуската несреќа, но очекува и поддршка од македонските институции на кои е подготвена да им ги обезбеди сите информации за случајот.
Како што јави БГНЕС, на средбата Радев му изразил сочувство на Заев за жртвите во автобуската несреќа, а македонскиот премиер му изразил сочувство на шефот на бугарската држава за деветтемина жртви од вчерашниот пожар во дом за стари лица во селото Ројак.