Се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините на компанијата „Фајзер“, со која државата има договор за 800 илјади вакцини
Според Заев, се очекува да стигнат и 200 илјади кинески вакцини планирани за овој месец, како и значителна количина „спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози
Околу 300 илјади вакцини од различни производители треба да пристигнат во текот на април, најави денеска премиерот Зоран Заев. Тој вели дека со овие пратки процесот на масовна вакцинација ќе тече непречено.
„Очекуваме во текот на април да пристигнат повеќе од 300 илјади вакцини. Очекуваме да стигнат првите вакцини од 651 илјада од Европската Унија, кои се наменети за Западен Балкан, а за нашата земја се 100 илјади. Се надевам дека следните денови или следната седмица ќе стигнат 20-25 илјади од нив, бидејќи неколкупати напоменуваме дека не зависи тоа од нас, туку и од испорачателот“,
рече Заев.
Тој вели дека се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините на компанијата „Фајзер“, со која државата има договор за 800 илјади, како и втората пратка преку механизмот Ковакс, која исто така треба да пристигне во текот на овој месец. Според Заев, се очекува овој месец да стигнат и 200 илјади кинески вакцини , како и значителна количина „спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози.
Како што истакна премиерот, недостигот на вакцини предизвикува проблем и во Германија, Америка, Кина Русија и секаде во светот, и поради тоа не може да се бара одговорност за недостиг на вакцини во земјава.
„Имаме работа, треба да се води грижа за граѓаните, за болните, да излекуваме повеќе пациенти, да се фокусираме системот да функционира, да имаме вака позитивни реакции што ги гледаме од системот на вакцинација, да го јакнеме, да го засилуваме, заради тоа што едно е јасно – дека со вакцината може да ја победиме пандемијата, а истовремено да бидеме ефикасен сервис на граѓаните. Така што, не ми паѓа на памет да дадам оставка ниту да барам оставка од најекспонираниот министер во моментот, а тоа е министерот за здравство кој со здравствениот персонал работи максимално посветено за доброто здравје на нашиот народ“,
рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој вели дека кога ќе има поголеми количини на вакцини во земјата и кога максимално ќе се искористат капацитетите на постојните вакцинални пунктови, може да се отворат нови.
„Во текот на првиот ден во салата ‘Борис Трајковски’ беа вакцинирани 2 800 граѓани, потоа околу 3 000, таму капацитетот за вакцинирање може да расте до 5-6 илјади. Во самите здравствени институции во моментов капацитетот е соодветен на количините што ги имаме и тој може да се удвои. Кога ќе бидат искористени до максимум постојните капацитети, секако дека стојат на располагање дополнителни можности, спортски сали, организирање на отворено, ќе се направи сѐ за да нема административни пречки за успешна масовна вакцинација“,
рече Заев.
Тој најави дека Владата размислува за формирање два посебни штаба, едниот во кој ќе учествуваат и министрите за надворешни работи, за европски прашања и за одбрана, како и министерот за здравство за поефикасно транспортирање, прифаќање и дистрибуција на вакцините што се нарачани. Во вториот, пак, како што рече Заев, ќе бидат вклучени МВР, ЦУК, ДЗС за подобра организација на процесот на вакцинација.