Македонската Влада досега ниту го добила ниту го видела нон-пејперот преку кој, наводно, словенечкиот премиер Јанез Јанша побарал промена на границите на земјите од поранешна СФРЈ.
Како што денеска рече премиерот Зоран Заев, С Македонија е суверена земја, а нејзиниот интегритет е загарантиран и со Уставот, но и со Договорот за членство во НАТО. Промена на границите на Балканот, дециден е Заев, е можна само во форма на нивно отстранување во момент кога балканските земји ќе станат земји членки на ЕУ.
„Република С Македонија е членка на НАТО и нејзината стабилност, сигурност и територијален интегритет и суверенитет се загарантирани и со членот пет од Договорот за полноправно членство во Алијансата, покрај тоа што ние го гарантираме и со нашиот Устав. Истовремено, како Влада веруваме во можноста за отстранување на границите единствено при членување во Европската Унија, како земјите стануваат нејзини членки и ги исполнуваат условите од шенген-механизмот. Тоа значи границите се отвораат за да може сите да бидеме членки на европското семејство, како што нема граници меѓу Австрија и Германија, Австрија и Италија, Полска и Чешка“,
рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.