Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока, порача премиерот Зоран Заев на својот профил на Фејсбук, откако Комитетот на УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.
„Со консензус е донесена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО – природното и културното наследство на нашиот, светскиот Охридски регион нема да биде впишан на листата на светско наследство во опасност. Ова е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот Регион, но и најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство“,
напиша Заев.
Во периодот што претстои, додава премиерот, заедно со Албанија, ќе се засили соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел, како што вели, соодветна рехабилитација и бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
„Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока. Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото“,
напиша Заев.