Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски беше на партиски настан во Илинден каде ја побара довербата на граѓаните за кандидатот Александар Тодоровски и ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја оставила периферијата на Скопје нечепната, па во Илинден 12 населби немаат комунална инфраструктура
Петре Шилегов и Александар Наумовски, пак, од ѓорчепетровци ја побараа довербата за уште еден мандат. Шилегов нагласи дека со новиот БРТ систем од Ѓорче до Ново Лисиче ќе се стигнува за 25 минути, а ќе се ревитализираат и запоставените железнички станици
Не трошиме пари на граѓаните на камен и бронза, туку на проекти кои значат подобар и поквалитетен живот за граѓаните, е една од пораките кои вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги испрати од партиските митинзи во рамки на предизборната кампања за локалните избори закажани на 17 октомври.

„На овие избори излегуваме со решенија за проблемите на локално ниво, што ќе бидат целосно исполнети и вие знаете дека тоа ќе се случи, бидејќи СДСМ докажа дека работи на решенија, а решенијата за Велес ги има доктор Ненад Коциќ и неговиот тим“,
порача Заев вечерва од Велес каде коалицијата на социјалдемократите го имаше централниот митинг.
Лидерот на СДСМ ги повика велешани да гласаат за Коциќ за иден градоначалник бидејќи, според него, тој се вложува да му помогне на својот град и има непроценлив влог во борбата против велешката топилница и низа други активности за Велес да биде еколошка и напредна општина.
„Програмата е реална, остварлива и развојна. Еден од клучните проекти во програмата на Коциќ е Велес – Град без отпад со што тој ја потврдува неговата бескомпромисна борба против загадувањето и посветеноста на обезбедување здрава животна средина. Преку овој проект ќе обезбедиме целосно чист град, чистење на јавните површини и отворени простори во градот. Зелената агенда на СДСМ и Коциќ на дело! А централната власт ќе продолжи и понатаму да помага на општините. Локалните власти се први до граѓаните, први на кои граѓаните им се обраќаат и бараат помош. Затоа ќе продолжи пренесувањето на повеќе надлежности од централно – на локално ниво и обезбедувањето повеќе пари за општините“,
порача Заев.
Тој се пофали и дека во моментов се разговара со 30 компании, како и со членството во НАТО и успешно завршениот попис.
„За првпат по 20 години државата спроведе успешен попис. Еден милион 832.696 граѓани се попишаа, односно над 99 проценти од граѓаните. Ова е голем, огромен успех, веќе не сме единствена држава во светот без спроведен попис, веќе не одиме низ магла, туку добиваме јасни и прецизни податоци на кои ќе ги темелиме идните политики. Во едната рака имаме успешен попис – во другата членство во НАТО. Денес сме држава со најголема сигурност и најголем степен на транспарентност од сите земји во регионот, денес сме земја пријател на регионот и Европа“,
посочи Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвини за блокади и дека сè уште е нереформирана.

Коциќ пак пред велешани се обврска дека ако стане градоначалник ќе биде достапен и отворен за комуникација, ќе има отчетна јавна администрација и ќе се бори против корупцијата. Тој вети и реконструкција на стадионот „Зоран Паунов“ и салата „Гемиџии“, затворен училишен базен, трим-патека, адреналински парк, лизгалиште, балон-игралиште за тенис, комунална служба за сите делови на градот, нови подземни контејнери итн.
СДСМ вечерва партиски активности имаше и во Градско, каде Заев побара доверба од граѓаните за кандидатот за градоначалник, Роберт Бешовски и потсети дека во неговиот претходен мандат надградена е детската градинка, се правела реконструкција на патот кон Велес, реализирани се 30-тина улици итн.
Потпретседателот и генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски, пак, вечерва беа со одвоени партиски активности при што одржаа митинг во Илинден, каде на претходните локални избори победи ВМРО-ДПМНЕ.

„Најдобрите проекти за вас, за Општина Илинден ги има советничката листа на СДСМ и на Коалицијата и кандидатот Александар Тодоровски, успешен бизнисмен, домаќин човек, кој најдобро ги познава вашите проблеми и барања и што е најважно знае како да ги реши“,
порача Спасовски.
ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, ја остави периферијата на Скопје нечепната, затоа во Илинден во 12 населени места нема комунална инфраструктура.
Кандидатите за градоначалници на Град Скопје и на Ѓорче Петров, Петре Шилегов и Александар Наумовски, пак, на заеднички настан ја побараа довербата од ѓорчепетровци за уште еден мандат.

„По изградбата на БРТ системот за брз автобуски превоз од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе се стигнува за околу 25 минути. Реконструкцијата на мостот Обединети Нации, новиот мост на Љубљанска продолжувањето и клучката на булеварот Словенија, како и затворањето на северниот магистрален прстен иако не се територијата на Ѓорче, во голема мера ќе го олесни движењето на жителите на Ѓорче кон другите скопски населби … Ревитализацијата на запоставени железнички станици во Ѓорче Петров, Волково, Скопје-Север, Транспортен центар, Маџари и Драчево ќе овозможат интегрирање на железницата во Скопје со јавниот градски превоз“,
вети Шилегов.