Премиерот Зоран Заев денеска ги започна активностите утврдени во агендата од неговата работна посета на Словенија, по повод Самитот на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија.
Како што информира владината прес-служба, премиерот Заев веќе остварил заедничка средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, со премиерот на Република Словенија, Јанез Јанша, и со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
„На средбата беше потенцирана важноста на проширувањето на ЕУ со земјите на Западен Балкан, беше поздравено тоа што за Брисел и натаму проширувањето на Унијата со земјите од регионот останува стратегиски приоритет, што се очекува да биде нотирано и во денешната декларација од Самитот. Премиерот Заев на средбата потенцира дека народите на Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела, и дека ако ЕУ не дејствува, разочарувањата кај народите од регионот ќе бидат непоправливи и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка“,
се вели во соопштението.