Новата владата ќе се фокусира решавање на проблемите дома, во фокусот ќе биде ковид-кризата, последиците што таа ги донесе, но и правосудството, образованието, економијата, екологијата, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој денеска до Собранието ги достави предлог-составот и програмата на новата влада и рече дека очекува спикерот на Собранието, Талат Џафери, да даде време пратениците да се запознаат со програмата и биографиите на предложените кандидати, а потоа да се гласа за нив.
„Очекувам добра дебата и мнозинство за од следната недела да имаме нова влада. Во фокусот ќе ни бидат решавањата на домашните проблеми, ќе бидеме влада која повеќе ќе се фокусира да сработи дома. Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, економијата и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата“,
рече Заев.
Според него, новата влада ќе биде стабилна, успешна и очекува четиригодишен неповторлив период полн со позитива.
„Верувам дека стабилноста на владата зависи од успешноста, од кохабитацијата и соработката со опозицијата и служењето пред граѓаните. Имаме извонреден состав, има континуитет во парламентот, но има и многу новини и освежувања. Верувам дека следува еден четири годишен неповторлив период по позитива“,
рече Заев.
Тој додаде дека новата влада ќе се посвети на сериозни инвестиции во јавното здравство, како еден од столбовите е и борбата против загадување преку суштински политики и мобилизација на сите расположливи капацитети.