Во интервју за весникот „Ворт“, македонскиот премиер оценува дека ветото на Бугарија беше неблагодарен гест, ама дека неговата влада е посветена на европеизација на земјата
Ветото на Бугарија за почетокот на преговорите со ЕУ беше неблагодарен гест, ама македонската Влада и натаму е посветена на европеизација на земјата, изјави премиерот Зоран Заев за луксембуршкиот весник „Ворт“ за време на неговата посета на Луксембург.
Во написот, весникот се навраќа на многубројните пречки со кои се соочи Северна Македонија за почеток на преговори, од ветото на Грција, блокадата на Франција и конечно, лани, ветото на Бугарија, поради билатерални прашања, и го прашува премиерот дали тоа може да има негативни последици врз поддршката на граѓаните за ЕУ.
„Точно, неблагодарно е што нашиот сосед Бугарија стави ново вето за нас во декември 2020 година. Главната цел е да се решат историските разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија“,
вели Заев во интервјуто.
Тој, како што пренесува МИА, порачува дека и во овој случај со Северна Македонија и Бугарија треба да се стори истото.
„Но мислам дека сѐ уште можеме да изнајдеме решение за бугарското вето пред јуни. Ова бара помош од другите во ЕУ, која исто така треба да докаже дека ги почитува вредностите и дека историските спорови не смеат да бидат пречка за иднината на земјата“,
вели премиерот во интервјуто за „Ворт“
За испораката на вакцините од ЕУ, Заев и во овој дел ја признава разочараноста на Северна Македонија.
„Би било нечесно ако не признам дека ЕУ нѐ разочара со набавката на вакцини за коронавирусот. Но ни рекоа дека во овој момент е невозможно за Унијата да ги сподели вакцините“,
вели македонскиот премиер.
Тој се заблагодарува, сепак, за помошта на ЕУ во делот на заемите.
„Но да, можевме да сметаме на српската солидарност и сега исто така нарачавме дози од Кина и од Русија“,
вели Зоран Заев.