Секој заслужува за живее во здрава општина и затоа Зелената агенда ја поставуваме како врвен приоритет. Тоа значи баланс помеѓу грижата за животната средина и економскиот развој, порача Заев пред битолчани
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, промовирајќи го кандидатот за градоначалник на Битола, Христо Кондовски, вечерва пред битолчани вети дека градот ќе продолжи да се развива во континуитет како и досега.
„Во изминатите четири години, како никогаш досега се инвестираше во секој регион, во секоја општина, во секое населено место, тоа се гледа и тука во Битола. Се рехабилитираа неколку важни патни правци како делницата од обиколницата Битола во должина од осум километри, регионалниот пат Битола – Новаци и патот Прилеп – Тополчани – Битола, во фаза на проектирање е патот до границата со Грција од 13 километри, а во моментов се асфалтира влезот во Битола од Ресен. Се изгради железничката пруга Битола – Кременица, а се гради и гасоводот Неготино – Битола во должина од 92 километри, кој е 98 отсто завршен“,
рече Заев.
Тој спомена дека со претходната граодначалничка на Битола е реконструиран и Офицерскиот дом и дека доколку го дадат гласот за кандидатот на СДСМ, тие ќе продолжат да го развиваат градот.

„Република Северна Македонија покажа дека може да го испорача најдоброто за своите граѓани, но и за регионот и светот. Резултатите што ги постигнавме изминативе неколку години беа најдоброто за државата од осамостојувањето до денес. Затоа и одговорноста на секој од нас да продолжи трендот на најдоброто од централно на локално ниво со интензивно темпо е голема, а голем и важен е и влогот на секој од нас во овој процес“,
рече Заев.
Додаде дека ќе градат плански и одговорно во рамки на хуманата урбанизација и интересите на поединци немало да бидат над интересите на граѓаните.
„Секој заслужува за живее во здрава општина и затоа Зелената агенда ја поставуваме како врвен приоритет. Тоа значи баланс помеѓу грижата за животната средина и економскиот развој. Ќе продолжи набавката на еколошки јавен градски превоз, со цел да продолжи да се намалува аерозагадувањето во градските средини, ќе се интензивира трендот на изградба на пречистителните станици, ќе продолжи распределбата на субвенциите за инвертери за греење и енергетско ефикасни фасади, како и поставувањето фотоволтаици на покривите на јавните објекти. Ќе започне изградбата на модерни депонии коишто отпадот ќе го преработуваат во енергија, со што трајно ќе се решат децениските проблеми на депонии и незаконско расфрлување ѓубре и смет“,
рече Заев.