Новата методологија на ЕУ за водење преговори ќе се објави на 29 јануари, рече Зоран Заев и посочи дека очекува од новиот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој денеска доаѓа во посета на земјава, да добие потврда дека паралелно може да има и одлука за новата методологија и одлука за датум за почеток на преговори.
„Претседателот на Европскиот совет е тој што го управува Советот во носењето на историските одлуки, а за нас ова е историска одлука. Верувам дека ќе може да ни даде информација повеќе во однос на тоа кога се планира усвојување на методологијата, за односот на земјите членки кон самата методологија, барем тоа што се наѕира затоа што знаеме дека на 29 јануари ЕУ ќе ја објави методологијата. Мене ми е значајно да имам потврда од претседателот на Советот дека за проширувањето и добивањето на датумот за Република Северна Македонија ќе се одлучува паралелно. Без разлика дали методологијата ќе биде готова или не, кога ќе се одлучува, ние имаме право на паралелна одлука и очекуваме датум час поскоро“,
рече Заев за неговите очекувања од посетата на Шарл Мишел.
Мишел со Заев ќе се сретне утре наутро, додека со претседателот Стево Пендаровски ќе има средба вечерва, по што е закажана заедничка прес-конференција.