Нема да има врзани потписи меѓу премиерот и првиот вицепремиер, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по состанокот на Централниот одбор на партијата, демантирајќи ги информациите што денеска се појавија во повеќе медиуми.
„Прв вицепремиер значи оној што го менува Заев кога е отсутен за водење седница или прием на делегација и слично. Се знае дека премиерот потпишува, нема никакви врзани потписи или слично. Идната Влада планирам да има четворица вицепремири, тројца се на предлог на СДСМ, а еден од вториот парнер по големина – ДУИ. Ќе биде именуван како прв вицепремиер. Ова е за подобра координација меѓу двете политички партии во делот на преземањето на одговорноста и честа којашто се дава од граѓаните, а со цел ефикасни и ефективни одлуки. Именувањето ‘прв вицепремиер’ е за да дадеме важност на функцијата“,
појасни Заев.
Прашан што ќе се случува со досегашните членови на Владата кои нема да бидат дел од идната Влада, Заев рече дека тие остануваат дел од тимот на СДСМ.
„Им се заблагодаривме на досегашните министри од СДСМ – Рената Десковска, Дамјан Манчевски, Горан Сугаревски и Едмонд Адеми, како и на Роберт Поповски. Важно е дека сите овие луѓе остануваат да бидат дел од тимот на СДСМ. Рената Десковска од 2013 г. е излезена од професијата на Правниот факултет и има желба да се врати, но секако ќе помага во функционирањето на новата извршна власт, има драгоцено искуство“,
одговори Заев.