Премиерот Зоран Заев би разгледал предлог за широка коалициска влада, идеја која ја даде генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, но не верува дека тоа би го зајакнало капацитет на државата во справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Причината тој ја гледа во неспособноста на македонскиот дел од опозицијата.
„Ја прочитав изјавата на Таравари. Тоа се негови ставови, до нас нема предлог од неговиот претседател со аргументирано објаснување. Секој предлог е вреден за размислување. Не верувам дека ако опозицијата влезе во владата нешто позначајно ќе се зголеми капацитетноста на државата. Зошто? Заради неодговорноста? Посебно на македонската опозиција. Затоа верувам дека оваа коалиција може да продолжи уште похрабро да ги истурка важните процеси, владеење на правото, кревање на економскиот стандард, унапредување на образованието, здравството, културата и сите други аспекти. Владата во полна пареа е насочена на секој сектор и целиот фокус е на владината програма. Верувам дека сите ќе пожнееме успеси на економски план, поддржани со успеси на владеење на правото кои можат да ја помогнат економијата“,
изјави Заев.
Неговиот коментар е за изјавата што Таравари ја даде во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Таравари смета дека по формирањето широка коалиција треба да се оди и на предвремени парламентарни избори заедно со локалните кои треба да се одржат наредната година.
„Сега да се формира широка коалиција поради коронавирусот, а потоа заедно со локалните избори да одиме и на нови предвремени парламентарни избори“,
рече Таравари на ТВ21.