Од Владата ниту потврдуваат ниту демантираат дека премиерот се вози во ново и скапо возило, како што тврдат од опозицијата. Во писмениот одговор до „360 степени“ единствено велат дека државните ресурси се исклучиво во функција на граѓаните, а не на партијата
Премиерот не го користи службеното возило за партиски цели за време на кампањата, велат од Владата, на прашање на „360 степени“, по денешните обвинувања од опозицијата дека Заев се вози во ново „бе-ем-ве“ во вредност од 100 илјади евра.
„Службеното возило на премиерот Зоран Заев, како и на сите досегашни изборни циклуси, така и на овој изборен циклус, никогаш, во ниту еден случај не се користело, не се користи и нема да се користи за партиски, ниту за кампањски цели. Државните ресурси се исклучиво во функција на граѓаните, а не на партијата. Тоа е јасно законско правило кое никогаш не се прекршило и нема да се прекрши“,
велат од Владата, одговарајќи на прашањето на „360 степени“ за коментар на обвинувањата од опозициската партија за луксузирање, ароганција и надменост на премиерот Зоран Заев поради тоа што, како што тврдат, има нов автомобил марка „бе-ем-ве“ вреден 100 000 евра.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од Неготино ги продолжи прозивките кон премиерот дека се вози во ново „бе-ем-ве“, додека, како што рече, народот го пикаат во болници што горат за две минути.
„Се сеќавате на оние ветувања дека ќе донеле живот, ќе обезбеделе најдобри услови за работа на земјоделците, а вчера доаѓам од Ресен и Заев се паркираше со најновото патничко возило од марката БМВ, кое што верувале или не чини ни повеќе ни помалку точно три милиони килограми квалитетно ресенско јаболко. Точно три милиони килограми. Денеска еден килограм во Ресен се купува по два денари. Не е подобра ситуацијата ниту во Тиквешијата, кај лозарите, ниту во Кочани кај оризопроизводителите“,
рече Мицкоски.

Претходно, во текот на денот, ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот за ароганција и надменост. Партискиот портпарол Димиче Арсовски рече дека Заев се развозува со нов автомобил марка „бе-ем-ве“, во вредност од над 100 000 евра, а најголем дел од граѓаните немаат пари ниту за јадење. На прес-конференцијата, Арсовски наброја што сè може да се направи со 100 000 евра, како на пример, да се прехранат 50 000 сограѓани.

„Сто илјади евра или над 6 милиони денари, тоа се околу 220 просечни плати, или околу 400 минимални плати. Со парите кои Заев ги потрошил за својот луксузен автомобил 400 семејства ќе можеле да се прехранат еден месец. Едно болничко возило, целосно опремено чини околу 50 000 евра, со парите коишто Заев ги дал за автомобилот можело да бидат купени две целосно опремени болнички возила, наместо од неговата партија да донираат стари болнички возила. Така можеби и би му се помогнало на некој лекар да не мора пациентите по планини да ги носи во раце како што беше случајот до најблиската болница, каков што пример имавме изминатово зима во Кратовско“,
рече Арсовски.