Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не очекува Бугарија да го попречува стартот на пристапните преговори на С Македонија со ЕУ. Уште еднаш повтори дека идентитетските прашања – македонскиот јазик и македонскиот народ, се право на самоопределба, што не може да се оспорува.
„Уште еднаш напоменувам – идентитетските прашања, македонскиот јазик, македонскиот народ се право на самоопределба. Бугарија е европска земја и верувам дека во самите разговори, во самите документи, поради нивните напори, амбиции и оправдани желби е да се најде заедничкото решение на заедничкото чествување на Гоце Делчев. Никако не очекувам да имаме пречки во тој дел поради тоа што дефинитивно од почетокот до ден денес Бугарија е еден од најголемите, ако не и најголем поддржувач на Република Северна Македонија во интеграциите во ЕУ. Бугарскиот народ сака да му помогне на македонскиот народ, македонскиот народ сака пријателски да биде определен кон бугарскиот народ и така ќе се движат и самите политичари или институции соодветно на желбата за пријателство и за уште поголема соработка“,
рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешното одбележување на Светскиот ден на наставниците на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Кон крајот на минатиот месец, во телефонски разговор, премиерите Заев и Борисов договорија средба која треба да случи пред самитот на Берлинскиот процес во Софија на 10 ноември, чии домаќини се токму двете земји.
Разговорот на двајцата премиери следуваше по Меморандумот на Софија до земјите членки на ЕУ во која ја обвини власта за „државна антибугарска идеологија“, како и изјавите на претставници на бугарската влада дека доколку не се решат историските прашања, Бугарија ќе го блокира одржувањето на првата меѓувладина конференција на Скопје и Брисел. Германија, која претседава со ЕУ, се изјасни дека билатералните прашања не смеат да влијаат врз евроинтегративниот процес и не смеат да се додаваат критериуми во преговорите.