Во текот на следната година Владата ќе и додели на Општина Битола 59 милиони денари, со што градот ќе стане вистинско градилиште, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на отчетот за првите 100 дена од вториот мандат на Владата што ја предводи.
Премиерот рече дека, меѓу другото, се планира изградба на нови жичници на Пелистер.
„За Битола, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски, развиваме проект за изградба на нови жичарници на Пелистер. Сакаме да помогнеме во 2021 година да се изгради барем една жичарница. Имаме понуди од Австрија кои се прифатливи и се наоѓаат начини за транспортирање и монтирање. Лично сум ангажиран во иницијативата што ја води министерот Милевски, а со цел поддршка на туризмот“,
изјави Заев.
Премиерот потсети дека Општина Битола ќе добива дополнителни средства од програмата за локални патишта, проекти за инфраструктура, за водовод и канализација, како и други средства со кои градот ќе се развива многу добро, како и досега.