Во рамките на 25-та тркалезна маса со грчката влада, која оваа година е на тема: „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“, премиерот Заев утрово учествуваше на панел-дискусија за зајакнување на соработката и солидарноста во Југоисточна Европа, за проширувањето на ЕУ, за трговијата и инвестициите, како и за иницијативите за мир и подобро разбирање
За нас не постои друга алтернатива, освен ЕУ-иднината, сакаме да ги европеизираме нашите земји, Скопје, Приштина, Белград, Тирана, Подгорица и Сараево, сите ние сакаме во внатрешноста да ги почувствуваме придобивките, рече премиерот Зоран Заев на конференцијата на „Економист“ што се одржува во Атина, додавајќи дека „ние сме како остров опколен од ЕУ земји и потребна е унификација на Унијата“.
Како што јави МИА од Атина, во рамките на 25-та тркалезна маса со грчката Влада, која оваа година е на тема: „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“, премиерот Заев, утрово учествуваше на панел дискусија за зајакнување на соработката и солидарноста во Југоисточна Европа, за проширувањето на ЕУ, за трговијата и инвестициите како и за иницијативите за мир и подобро разбирање.
Тој во обраќањето ја истакна важноста на регионалната и економската соработка, особено за време на пандемијата и предностите и придобивките кога земјите работат заедно, можностите што нашата земја ги нуди за инвестиции, а се задржа и на договорот што денеска ќе се потпише меѓу двете земји за интерконекторот за природен гас.
„Тоа е многу голем проект, околу 100 милиони евра. 54 милиони евра се во Северна Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност, не само за Северна Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас“,
рече Заев и истакна дека нашата земја станува енергетски коридор за земјите од Западен Балкан.
Во однос на европската перспектива на земјава, тој уште еднаш повторни дека С Македонија 16 и пол години е земја кандидат за членство, со Договор за стабилизација и асоцијација потпишан по Словенија и пред Хрватска, но дека нема простор за фрустрација, бидејќи нема алтернатива за регионот.
„Од Европската Унија, 12 пати имаме потврда дека 100 отсто ги исполнуваме критериумите што се неопходни за интеграција во ЕУ“,
истакна Заев и додаде дека за одредени реформи, како што се во судството, сме подобри од некои земји од Унијата.

Во однос на економската ситуација, според Заев закрепнувањето на нашата земја, но и генерално на Западен Балкан, овој период е видливо, и дека конечно се враќаме на позитивни стапки на раст.
„Очекуваме, во првата половина од 2021 година да има раст меѓу 5,5 и 6,5. Што е нешто повеќе и од просекот во земјите од Европската унија и нè охрабрува уште повеќе да привлекуваме инвестиции“,
рече премиерот.
Паралелно се развиваат и алатки за привлекување инвестиции, рече тој, и ги претстави условите за инвестиции во Северна Македонија.
„Сакам да истакнам дека сѐ што се случи во Северна Македонија, на економски план, особено по Договорот од Преспа е многу видливо“,
истакна Заев.

Говорејќи за пандемијата, Заев рече дека се покажало колку е важно земјите да си помагаат, да соработуваат, не само со размена на искуства поврзани со здравствениот систем, туку да има и економска соработка и „како да ги преживееме овие месеци“.
Сепак, Заев истакна дека и покрај пандемијата потребно е да не се заборави на економијата.
„Овде, на Западен Балкан развивме многу практични алатки како да соработуваме заедно, заедно со балканските земји што се членки на Европската Унија и солидарноста беше видлива, дури и повеќе отколку пред пандемијата. Си помагавме дури и со вакцини. Како што знаете, балканските земји, особено земјите од Западен Балкан што се кандидати за членки во ЕУ, немаат доволно вакцини“,
рече Заев и додаде дека првите вакцини дојдоа од членките на Унијата.
Премиерот Заев, заедно со амбасадорот на САД во Атина Џефри Пајат денеска ќе присуствуваат на потпишувањето на Договорот меѓу Владите на Северна Македонија и Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас.
Договорот ќе го потпишат министерот за економија на Северна Македонија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас.