Ние немаме друг избор освен да ги побараме сите опции за да постигнеме решенија за отворените прашања со Бугарија, изјави премиерот, наспроти лидерот на опозицијата, кој оценува дека Заев нѐ довел до ситуација помеѓу асимилација или интеграција
Во 2019 година го повикав народот на избори да се изјасни дали останува на патот на ЕУ. Народот со својот глас покажа кој е патот и дека тој нема алтернатива. Затоа ние немаме друг избор освен да ги побараме сите опции за да постигнеме решенија за отворените прашања со Бугарија за да отпочне процесот за преговори за членство со ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев во интервју за Слободна ТВ.
„Треба да чекориме напред. Граѓаните очекуваат подобро утре. Јас реков, ние сме градители, градиме пријателство. Ние не му правиме штета на регионот, ние сме мирољубив народ. Политиката на државата е навистина европска и прифативме дијалог за прашања за кои можеме да разговараме“,
рече Заев.
Но, како што рече, има нешто за што не се преговара, како што се идентитетските прашања.
„Самоопределувањето му припаѓа секому. Тоа им припаѓа на сите, како и на Македонците и на сите други европски народи“,
рече Заев и додаде дека Европа мора да остане на своите фундаментални европски вредности, а тоа е да ги негува сите идентитети на европскиот континент.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во „Студио 10“ на ТВ 24 порача дека со Зоран Заев нема европска иднина. Според него, Заев нѐ довел до ситуација помеѓу асимилација или интеграција и затоа треба да си замине од власта.
„Ако некој континуирано ги поместува нашите преговарачки позиции, а ние постојано губиме и се доведеме до самиот амбис и да се доведеме до ситуација дали асимилација или интеграција, тогаш прашањето е дали тој човек или тие политичари воопшто имаат кредибилитет и понатаму да продолжат да преговараат затоа што презеле концесија“,
истакна Мицкоски.
Според него, треба веднаш да се остави на историчарите да разговараат за историските настани, а не тоа да го прават политичарите.
„Ние политичарите да се повлечеме и да го мониторираме тој процес. Но не овие политичари со концесии. Овие мора прво да бидат поразени и да дојдат луѓе политичари кои знаат како да го фасилитираат и да го водат овој процес“,
посочи Мицкоски.